„Вистината за ДУИ“: Возилата на Општина Гостивар во ист ден се полнеле со гориво трипати
Портпаролот на Општина Гостивар, Јасин Демири, на прес-конференција презентира информации за, како што рече, злоупотреби со снабдувањето со гориво на возилата во сопственост на Општината и трошоци без покритие на ЈП „Хигиена“ – Чегране.
„За периодот 2014-2017 година внатрешната ревизија утврди дека зa возилата во сопственост на Општина Гостивар потрошени се 5.089.907 денари. Можеби тука нема ништо чудно во ова, но само на прв поглед. Ако анализираме кои возила со какво гориво се снабдувале, сигурно ќе се зачудат и самите конструктори. Возила што трошат бензин, се снабдувале со дизел, а оние што трошат дизел-гориво се снабдувале со бензин. Трошоците за несоодветно гориво се во износ од 74.496 денари, при што ако земеме просек 50 денари за литар, значи дека општинските возила потрошиле 1.500 литри несоодветно гориво: наместо дизел – бензин и наместо дизел – бензин. Ова, се разбира, е измама и можеме да претпоставиме дека со пари на граѓаните се снабдувале партиски послушници и партиски војници. Но, од друга страна, со право можеме да претпоставиме и дека износот на соодветно гориво со кое се снабдувале приватни возила, најверојатно, е неколкупати поголем од горенаведениот износ“, рече Демири.
Тој рече дека евиденцијата за снабдување со гориво, подготвена од внатрешната ревизија на Општината, покажува дека во ист ден општинските службени возила се полнеле 3 пати.
Демири исто така рече дека и внатрешната ревизија во Јавното претпријатие „Хигиена“ од село Черане, чиј основач е Општина Гостивар, и кое врши комунални услуги на територијата на селото Чегране, утврдила неосновани трошоци.
„На 2.11.2017 година направен е сомнителен трошок за материјали за одржување на водоводната мрежа во висина од 720.000 денари (околу 11.800 евра) до снабдувачот ‘Меркатор АНГ’ – Гостивар. Во документацијата на претпријатието фигурира само профактура бр. 096/2017, но од оваа компанија тврдат дека ЈП ‘Хигиена’ не ја прифатило понудата ниту, пак, извршило уплата на средствата. Покрај тоа, направени се и други неоправдани, неосновани или неаргументирани трошоци, како што се: одговорното лице во текот на 2017 година си зел 40.000 денари за прекувремена работа за јануари, февруари, март, април, мај, јули, август и за септември, најверојатно во наредните месеци се потрошиле средствата и немал што повеќе да земе и на 27.1.2017 година со пари од претпријатието патувал во Германија. Бидејќи причините за ова патување не се наведени, можеме да претпоставиме дека патувањето било направено за приватни потреби“, рече Демири.
Тој повтори дека целта на кампањата „Вистината за ДУИ“ е да им се овозможи на граѓаните да знаат како се трошат нивните пари и да се запознаат надлежните органи дека во многу случаи има основано сомнение за поведување кривична постапка.
Извор: makfax.com.mk