Свет

ВИДЕО: Поднесе оставка во живо незадоволен од работата на својата влада

Државниот секретар во хрватското министерство за демографија Марин Стрмота поднесе оставка пред ресорната министерка, среде конференција за новинарите.

На конференцијата беа претставени демографски емрки кои тој ги нарече несериозни и „голем фолклор“.

Стрмота ја поднесе оставката пред министерката Нада Мурганиќ, која неколку минути претходно ги претстави заклучоците од вчера одржаната седница за демографската ревитализација на Хрватската која ја водеше премиерот Андреј Пленковиќ.

На новинарската констатација дека претставените мерки од Мурганиќ веќе биле претставени пред три месеци, Стрмота неочекувано одговори дека тоа е точно и дека се согласува со новинарите.

„Ова е еден голем фолклор. По година и четири месеци во владаа, како демограф и млад човек, сметам дека ова не е доволно сериозно и денес поднесувам оставка на местото државен секретар“, кажа Стрмота.

Тој оцени дека „државата изумира“ и додаде дека состојбата е најлоша откако постои земјата.

„Да се зборува вака несериозно за тоа… Јас како млад човек, граѓанин на Хрватска, татко на две деца, сопруг на невработена сопруга, со невработени родители, не верувам дека што било ќе се реши со ваков пристап“, кажа видно потресениот Стрмота, им се заблагодари на новинарите и ја напушти салата.

Министерката Мурганиќ им кажа на новинарите дека не знаела за оставката и оцени дека станува збор за „нетрпение на еден млад човек, научник“.

Таа додаде дека статистиката не е поволна, но дека неповолните текови не настанале за време на оваа влада.

Поврзани вести

Back to top button