Свет

ВИДЕО: ИСИС на само 500 километри од Европа вршат убиства и други ѕверства

Исламска држава во моментов контролира околу триста километри од либискиот брег на Средоземно Море и практично е на прагот на Европа. Последниот воен успех го постигнаа нанесувајќи значителна штета врз нафтените платформи во градот Сирт.

Градот Сирт е најблиску до Европа од територијата под контрола на ИСИС, а Либија ги има најголемите резерви на нафта во Африка, кои се проценуваат на 48 милијарди барели. Нејзиното производство во 2011 година се проценуваше на 1,6 милиони барели дневно, но потоа нагло падна.

Земјата е во хаос уште од падот на Гадафи, што Исламска држава го препозна како добра шанса за проширување. Со Либија сега владеат два ривалски парламенти и две влади – ЦГН (Генерален национален конгрес), во кој најголемо влијание има коалицијата на милицијата Фајр Либија со седиште во Триполи, и онаа со седиште во Тобрук на истокот, која е признаена од меѓународната заедница.

Денеска со посредништво на ОН во земјата беше формирана влада на национално единство, со цел да се запре долгогодишното крвопролевање. Новата влада, предводена од бизнисменот Фаез ал-Сарај, е составена од 32 министри.

На речиси 2,4 милиони Либијците сега им треба хуманитарна помош, рече претставникот на мисијата на ОН во Либија. Поради нефункционалната власт, Либија стана влезна порта за стотици илјади мигранти и бегалци што преку Средоземно Море доаѓаат до Европа.

ИСИС на само 500 километри од Европската Унија

Исламска држава е само една од вооружените организации што се борат да освојат дел од територијата во Либија. Нивниот пораст загрижува, особено поради тоа што во Либија има многу борци што им се лојални. Исламска држава, според процените, има околу две илјади милитанти во Сирт и околината. Вознемирувачки е и фактот дека борците на ИСИС се оддалечени само 500 километри воздушна линија од Малта и од Европската Унија.

Аналитичарот на Вашингтон-институтот Арон Зелин предвидува дека Сирт ќе стане нов центар на ИСИС, како што се Рака во Сирија и Мосул во Ирак.

„Ова е првпат Исламска држава во Либија (ИСЛ) да ја имитира ИСИС од Сирија и Ирак во неколку важни карактеристики. Прво, многу џихадисти од други организации се префрлуваат во ИСИС. Потоа, ИСЛ постигнува договори со локалните племиња, и, конечно, некои лојалисти на Гадафи ѝ се приклучуваат на ИСИС, слично како баатистите во Ирак“, вели Зелин.

Медиумите во Либија известуваат дека членовите на ИСИС обезглавиле дванаесет затвореници, кои подоцна ги распнале. Убивањето на затвореници го спровеле во квартот број 3 во Сирт, кој е центар на отпорот против Исламска држава. Според медиумите, џихадистите убиле и 22 ранети во болница, по што ја запалиле болницата. Ова се само последните во серијата злосторства извршени од милитантите на ИСИС во градот познат како родното место на Моамер Гадафи.

 

Поврзани вести

Back to top button