„Вечерње новости“: Џаферовиќ знаел дека војниците на Сулејмани им ги сечат главите на Србите
Иранскиот генерал Касем Сулејмани, како што беше обелоденето вчера, престојувал во БиХ во повеќе наврати од 1993 до 1999 година, и тоа најчесто во поширокиот регион на Зеница, каде дејствувал озлогласениот одред „Ел муџахедин“, кој се наоѓал во зоната на одговорност на Шефик Џаферовиќ, актуелниот бошњачки член на Претседателството на БиХ, пренесуваат „Вечерње новости“.
Како што тврдат соговорниците на „Новости”, Џаферовиќ како началник на Центарот за безбедносни служби на Зеница, бил запознат со дејствувањето на Сулејмани и со масовните воени злосторства на исламистите над Србите.
„Во зоната на одговорност на Џаферовиќ за време на војната муџахедините извршија монструозни злосторства над Србите. Отсечени им се главите на стотина српски заробеници и тоа се најмасовните ритуални убиства на светот“, вели Џевад Галијашевиќ, експерт за борба против радикалниот ислам.
Тој додава дека Џаферовиќ знаел за сите злосторства и дека ги имал на располагање транскриптите од разговорите на муџахедините, но не сторил ништо за да ги спречи злосторствата над Србите во Возуќа.
„Сулејмани во текот на целата војна во Босна доаѓал и ги обучувал муџхедините, но одел и во Сараево и ги обучувал припадниците на тајната служба АИД на Алија Изетбеговиќ. Сулејмани бил вклучен и во опремувањето на муџахедините во зоната на одговорност на Џаферовиќ на кои им доставувал оружје преку Хрватска, а дел од тој арсенал останувал кај Хрватите. Џаферовиќ по војната веднаш беше префрлен како генерален секретар во АИД и имал увид во сите воени документи и можел да прави со нив што сака. Иако на судењата на генералите од т.н. Армија на БиХ беше споменато неговото име, тој никогаш не беше осуден за воени злосторства, што е голем пропуст на правосдуството во Хаг“, истакнува Галијашевиќ.
Ненад Стевандиќ, шеф на Српскиот клуб во Парламенот на БиХ, вели дека Република Српска е свесна кој ги претставува Бошњаците во Претседателството на БиХ и дека е интересно колку бил светот лицемерен, замижувајќи пред злосторствата над Србите и укажувањата на радикалниот ислам, а сега кога тој стана глобален проблем, ја враќаат приказната на БиХ.
Џаферовиќ во повеќе наврати ги отфрлал сите обвиненија и пријави против него дека учествувал во прикривањето на злосторствата на подрачјето на Зеница и Возуќа. Против него пријава во Обвинителството на БиХ поднел и Мирсад Кебо, потпретседателот на Федерацијата БиХ, но Џаферовиќ демантирал сè и порачал дека е горд на својата улога во војната и дека образот му е чист.