Уранија Давчева: Мобилните телефони стануваат повеќе од уреди за комуникација и ја преземаат контролата врз развојот и здравјето на детето
Пред неколку години децата кои развивале аутизам беа 1 на 10.000. Денес таа бројка значително е променета и е 1 на 68 деца со аутизам. Секој родител треба да го посветува своето слободно време и максимално да го користи со своите деца, без разлика дали тоа е читање на книга, раскажување, време поминато во парк или прошетка во природа – советува Уранија Давчева, дефектолог. Секое дете е посебно, а успешноста на работата кај овие деца може да се постигне само тогаш кога на детето ќе му се пристапи индивидуално.
Може ли да се каже дека станувајќи зависни од современата технологија кај децата во развој влијае на појава на аутизам?
– Причините за појавата на аутизмот сè уште не се точно познати и постојат повеќе теории за неговото настанување. Во моментот работиме со повеќе деца со аутизам, аутистичен спектар на нарушување и сите деца сè со различи карактеристики. Аутизмот од раѓањето и аутистичниот спектар што се јавува после неколку години од раѓањето се со различен тек и степен на нарушување. Точно е дека некои деца поминуваат повеќе време со мобилните и стануваат робови на современата технологија и токму ова може да влијае на неговиот понатамошен развој, на неговото однесување и гледање на секојдневието. Мобилните телефони стануваат повеќе од уреди за комуникација и ја преземаат контролата врз развојот и здравјето на детето.
Кога се забележуваат првите симптоми?
– Родителите обично ги забележуваат симптомите во првите две години и овде почнува борбата на родителите со општеството. Симптомите обично се развиваат постепено, но има исклучоци кај некои деца со аутизам, кои отпрво се развиваат нормално, а потоа нивниот развој назадува. Денес нажалост значително е поголема зачестеноста на аутизмот, и обично се јавува во текот на првите три години од животот и почесто се јавува кај момчињата. Пред неколку години децата кои развиваа аутизам беа 1 на 10.000. Денес таа бројка значително е променета и е 1 на 68 деца со аутизам.
– Сметам дека секој родител треба да го посветува своето слободно време и максимално да го користи со своите деца без разлика дали тоа е читање на книга, раскажување, време поминато во парк или прошетка во природа. За да се развие таа меѓусебна комуникација, родителите треба постојано да им зборуваат на своите деца, додека шетаат по улица да им се објаснува, додека пазарат во маркет, па дури и секојдневно да ги бројат скалите што ги качуваат и спуштаат во својот дом. Но, секое дете е различно на свој начин и секое дете има разни побарувања. Едноставно родителите и на нас дефектолозите целта ни е стекнување и усовршување на повеќе вештини и способности со особено нагласување на оние во кои се изразени отстапувања.
Како се однесуваат најчесто децата со аутизам?
– Некои деца повеќе сакаат да бидат сами, живеат во свој свет и на почеток не прифаќаат ништо што за нив е непознато. Им смета бучавата околу себе, силните звуци, не знаат да се заиграт со своите врсници, не посетуваат градинка, училиште, некој ќе каже не се социјализирани. Но, едноставно овие деца мирот си го нашле сами во себе и не секој го прифаќаат во своја близина. На овие деца е потешко да им се пристапи. Но, наша цел е овие стереотипи за нив да се променат, да излезат од тој нивен свет и да ја забележат секоја убавина што ги опкружува.
За разлика други пак, сакаат постојано да бидат со луѓе, деца, воспоставуваат игра, се гушкаат, покажуваат емоции, остваруваат комуникација на свој начин со околината.
– При работа со овие деца се изготвува различна програма за секое дете според неговите психофизички способности се со цел унапредување на говорот и комуникацијата, когнитивните и сознајните функции, социјалните вештини и однесувањето. Во центарот КРИК користиме различни методи и техники каде некогаш ние ги диктираме правилата, а понекогаш се прилагодуваме на самото однесување кај детето. Сензомоторна интеграција, специјална едукација и рехабилитацја, Snoezelen Multi-Sensory, психомоторна реедукација, окупациона терапија се се методи кои ги применуваме во индивидуалниот третман кај детето кои понекогаш ги комбинираме низ игра, музика и цртеж.
Со движењето се запознава светот и на него му се радуваме.
Кај нас важи правилото … не постои дете со кое се работело, а да не се постигне никаков успех.
Работиме со децата од најмала возраст и постигнувањето на успехот ни е различен. Ние сме среќни и кога овие деца ќе ни кажат ЧАО кога си одат, кога ќе го кажат и најкраткиот збор, кога белиот лист ке биде испишан и со едноставни линии, кога ќе ни покажат они што сакаат без разлика дали ќе не фатат за рака и ќе не однесат до посакуваната играчка, едноставно ние со тие деца комуницираме на наш јазик и одлично се разбираме. Посебно задоволство ни е кога овие деца ќе тргнат во школо и кога се радуваме на секоја нивна напишана буква. Имаме и деца и кои знаат и да читаат и пишуваат, иако не доволно го разбираат напишаното. Но, се се учи во свое време иако тој процес е со задоцнување.
Секое дете е посебно, а успешноста на работата кај овие деца може да се постигне само тогаш кога на детето ќе му се пристапи индивидуално. Нашиот мотив за работа се темели врз љубов и успехот кон нив, а допирот, погледот и гласот ни се елементи за тотална комуникација со децата.
Автор: А. В. за ТОЧКА.МК