ЖивотЗдравјеТоп

Токсични честички од аерозагадувањето пронајдени во белите дробови и мозокот на неродени бебиња

Токсични честички од загаден воздух се пронајдени во белите дробови, мозоците и црните дробови на уште неродени бебиња, многу пред тие да го вдишат првиот воздух.

Научниците велат дека ова откритие е многу загрижувачко бидејќи гестацискиот период на фетусите е најранливата фаза од човековиот развој.

Илјадници црни јаглеродни честички биле пронајдени во секој кубен милиметар од ткивото, кои биле вдишани од мајката за време на бременоста и биле пренесени преку крвта и плацентата до фетусот.

И досега беше познато дека загадениот воздух е поврзан со зголемениот број спонтани абортуси, предвремено родени бебиња и мала тежина на новороденчињата, како и со пореметувања во мозочниот развој. Но, оваа нова студија овозможува директен доказ за тоа како доаѓа до штетата. Според научниците, загадувањето може да предизвика доживотни здравствени последици.

Честичките се направени од саѓето при горењето фосилни горива во возилата, домовите и фабриките и предизвикува воспаление во телото, а истовремено носат со себе и токсични хемикалии. Студијата била спроведена врз мајки кои не биле пушачи во Шкотска и Белгија, на места каде има релативно ниско аерозагадување.

„За првпат покажавме дека црните јаглеродни наночестички не само што влегуваат во плацентата во првото и второто тримесечје, туку стигаат и до органите на фетусите во развој. Она што е уште позагрижувачко е што овие честички навлегуваат и во човековиот мозок кој е во развој. Ова значи дека е можно овие наночестички директно да дојдат во контакт со контролните системи во органите и клетките на фетусот“, објаснува професорот Пол Фолер од Универзитетот на Абердин во Шкотска.

Според професорот Тим Нарот, од Универзитетот Хаселт во Белгија, кој беше коавтор на студијата, регулацијата на квалитетот на воздухот мора да го препознае овој трансфер на аерозагадувањето за време на гестацискиот период и да преземе нешто за да ги заштити најранливите фази на човечкиот развој. Според него властите се одговорни за намалување на аерозагадувањето, но луѓето треба да избегнуваат прометни сообраќајници колку што е тоа можно.

Сеопфатна студија од 2019 година покажа дека аероагадувањето веројатно прави штета на секој орган и секоја клетка во човековото тело. Малите честички беа пронајдени и дека ја преминуваат бариерата помеѓу крвта и мозокот.

Повеќе од 90% од светското население живее на места каде аерозагадувањето е на ниво над препораките на Светската здравствена организација, што предизвикува милиони прерани смртни случаи секоја година.

Поврзани вести

Back to top button