Свет

Тензично на Корзика, буркини причина за тепачка

Во немири на францускиот медитерански остров Корзика повредени се пет луѓе, а три автомобили беа запалени, откако младите од три семејства со потекло од Северна Африка се степале.
Околу 500 луѓе се собраа во главниот град на Корзика, Бастиа, еден ден по немирите во Сиско, на северот на островот.

Тепачките избиле меѓу членовите на три семејства од Северот на Африка и локални жители, соопшти обвинителството, а биле фрлани камења и шишиња, пред полицијата да воспостави ред.

Девојка која сведочела на немирите, а во неделата зборуваше и на мегафон, вели дека се почнало кога туристи сакале да фотографираат неколку жени кои се капеле со буркини. Според неа, група имигранти извикувале навреди, пред да пристигнат неколкумина постари мажи од Северна Африка, кои носеле секири, како поддршка на семејствата на плажата.

Тие нападнале група млади Корзиканци на возраст од 15 до 18 години на плажата, чија улога во инцидентот се уште не е јасна. Девојката сведочи дека семејствата на младите Корзиканци потоа излегле на улица и се судриле со оние од Северна Африка. Двајца локални жители се ранети со харпун.

Северноафриканките исекле неколку гуми на автомобили, а локалците запалиле два автомобили и еден превртеле од оние на имигрантите. Во немирите повредени се петмина, кои се пуштени на домашно лекување, а никој не е уапсен.
Во недела наутро пред зградата на локалната самоуправа почнаа демонстрации, а потоа било тензично, кога луѓето сакале да заминат во населбата Лупино во Бастиа, каде повеќето жители се Северноафриканци.

„Одиме таму, затоа што ова е нашиот дом“, вели еден од демонстрантите, но полицијата не им дозволи пристап до населбата.

Полицијата испрати стотина полицајци да ги смират тензиите.
Францускиот министер за внатрешни работи, Бернард Казанев го осуди насилството, и нареди целосна истрага на случајот за да се открие што е извор на нетолеранцијата и да се уапсат одговорните.

Немирите доаѓаат во наелектризирана атмосфера што владее во Франција, меѓу муслиманите и христијаните, по неколкуте напади во земјата за кои одговорност презеде терористичката група Исламска држава, вклучително и масакрот од 14 јули, во јужниот француски град Ница, кога Тунижанец влета со камион во луѓето кои го славеа Денот на Бастилја, при што уби 85 лица.

Минатиот декември, на Корзика, бесни демонстранти вандализираа муслиманска сала за молитви и фрлаа копии од светата муслиманска книга Коран, откако млади Арапи нападнаа пожарникар.
Кан, што е во близина, исто така поттикна контроверзи со тоа што забрани носење буркини на плажа.

Исламската облека долго време е жежок костен во секуларна Франција, каде покривањето на женското лице до половина со вел е забрането на јавни места.

Поврзани вести

Back to top button