РелигијаТоп

Светите маченици Јувентин и Максимин, Убиени се ноќе со меч, но потоа се пронајдени нивните мошти, а од нив се пројави чудотворна сила

Светиот пророк Захарија и праведна Елисавета

Таткото на Свети Јован Предвесник. Син Варахиин, од родот на Авиј, кој ја држеше осмата чреда на богослужење во храмот ерусалимски. Жена му беше Елисавета, ќерка на Совија, сестрата на Света Ана, мајката на Пресвета Богородица. Во времето на царот Ирод, детеубиецот, еден ден Захарија служеше според својата чреда во ерусалимскиот храм. И во олтарот му се јави ангел Божји, од когошто Захарија се уплаши. А ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија“ (Лука 1). И му објави ангелот дека неговата жена Елисавета ќе роди син, според нивните молитви. А беа обајцата стари, и Захарија и Елисавета. Кога Захарија се посомнева во зборовите на небесниот известител, ангелот му рече: „Јас сум Гавриил кој стојам пред Бога.“ И онеме Захарија од тој миг, и не проговори додека не му се роди синот и додека не напиша на табличка: „Јован му е името.“ Тогаш му се отвори устата и Го величаше Бога. Подоцна, кога се роди Господ Исус и кога Ирод почна да ги убива децата во Витлеем, Ирод испрати да го најдат и синот на Захарија и да го убијат. Бидејќи Ирод имаше чуено за с ? што му се случи на Захарија и како се роди Јован. Кога ги виде војниците Елисавета го зеде Јован на раце – тогаш имаше една и пол година – и побегна со него од дома, и бегаше по каменливи и пусти места. Гледајќи ги војниците како ја гонат, таа повика кон гората: „Горо Божја, прими ја мајката со дете!“ И се отвори карпата и ги скри во себе мајката и детето. Ирод, разјарен затоа што не го заклаа Јован, нареди да го заколат Захарија пред олтарот. Крвта на Захарија се истури врз меремрот и се стврдна како камен и остана така како сведоштво за злосторството на Ирод. А таму каде што се скри Елисавета со Јован, се отвори пештера и потече вода и со Божја сила израсна плодородна палма. Четириесет дена по смртта на Захарија се упокои и блажената Елисавета. И остана младенецот Јован во пустината, хранет од ангел и чуван од Божјата Промисла до оној ден кога требаше да се јави на Јордан.

Тропар
Со свештеничката одежда заштитен, премудри Захарие Божји, жртва благопријатна свештено си принесувал, бивајќи свештеник и тајновидец, знаменија во тебе Божјата благодат јасно покажа. Со меч убиен беше во Божјиот храм ти, Христов пророче, моли се со Претечата да се спасат нашите души.

Светите маченици Јувентин и Максимин

Житието на овие двајца свети луѓе е малку познато, но нивното страдање за Христа е познато од беседата на Свети Јован Златоуст во нивна пофалба. Тие беа војници во времето на царот Јулијан Отстапник. На еден војнички пир во разговор со другите тие го осудија царот заради гонењето на христијаните. Некој му го јави тоа на царот и царот ги фрли во затвор. Некои од луѓето на царот ги посетија со намера да ги одвратат од вистинската вера, велејќи им дека многу од нивните другари се откажале од Христа. На тоа тие витешки одговорија: „За тоа токму ние мораме да стоиме храбро и да се принесеме себеси на жртва заради нивното отстапништво.“ Убиени се ноќе со меч. Но потоа се пронајдени нивните мошти, а од нив се пројави чудотворна сила.

Тропар
Се оддалечивте од беззаконите дела човечки, непокорност покажавте пред властите богохулни, о Јувентине и Максиме, и душата облагодатена ваша Христос чист ја сочува. Примајќи го вашето мачеништво, Он на молитвите ваши го предаде спасението на оние кои го чествуваат споменот на светото страдание.

Светите Седумдесетмина маченици

На чело со Урван, Теодор и Медимнон беа избрани од цариградските христијани во времето на Валентовото гонење на православните, како најблагочестиви и најугледни граѓани на престолнината да појдат во Никомидија за да го молат царот еретик (аријанец) барем животите на православните христијани да им ги поштеди. Царот се разјари и им рече да се вратат, а тајно им нареди на корабџиите кога ќе испловат со коработ на море да го запалат, а самите да се спасат скришно и да се вратат во чамец. Злите слуги на злобниот господар направија така. Телата на овие храбри Седумдесетмина беа изгорени и потопени во морето, а нивните души испливаа во пристаништето на вечното блаженство.

Преподобен Атанасиј

Се подвизуваше во Вилна и подоцна беше игумен на манастирот во Брест. Заради својата непоколебливост во Православието, беше убиен од католиците на 5 септември, 1648 година. Моштите му чудодејствуваат во Брест.

Тропар
Од искона мрзителот на доброто посеа какол во Црквата Христова, кој ти, свети мачениче, мудро го одбегнуваше, останувајќи верен на чистото Православие, затоа ненавидникот очи затвори на оние кои се нарекуваат верници и на радост наша и ангелска, венец ти донесе од Христа испратен, о Атанасие оче свети, кој сега пребивајќи во радост неискажлива, моли се за душите наши.

Поврзани вести

Back to top button
mk Македонски јазик
Следи не на Facebook