РелигијаТоп

Светите маченици Јулијан и Василиса: Им го раздадоа сиот свој имот на сиромашните, а самите стапија во монаштво

Свети Григориј, епископ Охридски

Благочестив учител и пастир на Христовото стадо. Се упокои во 1012 година. Во натписот на црквата Света Софија во Охрид се нарекува Григориј премудриот.

Светите маченици Јулијан и Василиса

Обајцата од благородни и богати родители. Венчани во брак, се заветуваа да живеат девствено како брат и сестра. Им го раздадоа сиот свој имот на сиромашните, а самите стапија во монаштво. Јулијан основа машки, а Василиса женски манастир. Јулијан имаше десет илјади монаси, а Василиса илјада монахињи. Кога настана лутото мачење на христијаните под Диоклецијан, Василиса Го молеше Бога нидена од нејзините монахињи да не се исплаши од маките и да не отстапи од православната вера. Господ ја услиши молитвата на Својата достојна слугинка и за шест месеци ги зеде кај Себе сите монахињи редум, па најпосле и нивната игуманија Василиса. Пред смртта Василиса имаше видение за своите сестри на оној свет: сите и се јавија светли и радосни како ангели Божји и ја повикуваа својата духовна мајка да им дојде што побргу. Манастирот на Јулијан беше изгорен од мачителите, а самиот Јулијан го мачеа нечовечно и го убија во најтешки маки. Во маките го крепеше и бодреше Самиот Господ, па се издржа јуначки, ја одржа верата и го прослави името Господово. Заедно со Јулијан беа убиени: синот и жената на мачителот Маркијан; Келасиј и Марионил, кои кога го видоа трпењето на маченикот и самите се обратија во Христовата вера; дваесет римски војници; седуммина браќа од она место; презвитерот Антониј и некој Анастасиј, кого Јулијан за време на мачеништвото со молитва го воскресна од мртвите. Сите чесно пострадаа за Христа и станаа граѓани на небесното Царство околу 313 година.

Преподобен Георгиј Хозевит

Се подвизувал во 7 век во Хозевитската обител на патот од Ерусалим во Ерихон, каде што се подвизувал и Св. Јован Хозевит.

Тропар
Голем молитвенику пред Господа, подвижнику во смиреномудрието, учителу на монасите во трпението, Георгие оче наш преподобен, застапи се пред Бога за верните кои ревност покажуваат на патот на спасението и на твоите свети молитви се надеваат.

Света Домника

Во времето на царот Теодосиј дојде како некрстена од Картагена во Цариград со уште четири девојки незнабожки. Патријархот Макариј ги крсти и им благослови да живеат како монахињи. Света Домника се предаде на подвиг со голема ревност и во таа ревност остана до смртта. Се упокои во Господ во длабока старост, околу 474 година. Имаше дар на проѕирање на идните настани преку Светиот Дух и чудотоворна молитва.

Тропар
Чистејќи го срцето твое, Спасителот те направи подобен сад за Неговата благодат, о Домнико мајко наша преподобна, од него излевајќи се, подвиг на подвиг додаваше, благодат врз благодат добиваше, и за секого мелем за спасение имаше. Сега со светиите радувајќи се, моли се пред Седржителот, да се спасат нашите души.

Поврзани вести

Back to top button