Религија

Светиот маченик Гордиј – Времето го поминуваше во молитва и размислување за тајните на небото и земјата

Светиот маченик Гордиј

Роден е во Кесарија Кападокиска. Беше офицер во римската војска во времето на царот Ликиниј. Но кога настана страшно гонење на христијаните, ја остави војската и чинот и се оддалечи во Синајската пустина. Осамен на планината Хорив времето го поминуваше во молитва и размислување за тајните на небото и земјата. Особено размислуваше за суетата и ништотноста на овој свет, околу што луѓето се мачат и се борат на земјата и најпосле посака да умре за да се пресели во непропадливиот живот. Со таа желба тој слезе во градот во време на некои незнабожечки трки и игри. Му се пријави на градоначалникот како христијанин. Овој залудно го одвраќаше од верата со ласки и со закани. Гордиј остана непоколеблив и тврд како дијамант и говореше: „Зарем не е безумство со овој пропадлив живот да се купува вечната мака и погибел на душата?“ Осуден на смрт радосно иташе кон губилиштето и патем им говореше на џелатите за скапоцената Христова наука. Со Исусовото име на усните го предаде своето младо тело на меч, а праведната душа на Бога, во 320 година.

Поврзани вести

Back to top button