Избор на уредникот

Свети Нектариј Егински – По неговите молитви многу се излекуваа од неизлечливи болести (ВИДЕО)

Свети Нектариј е роден на 1 октомври 1846 година, во Силвира, регионот на Траки (Грција), како петто од вкупно шест деца во сиромашно семејство. Неговото име било Анастасиос Кафалас. На возраст од 14 години се преселува во Константинопол (Истанбул), каде што почнува да работи за да може да го продолжи образованието. Во 1866 година се преселува на островот Киос, каде што наредните години го надополнува своето образование. Бидејќи беше од сиромашно семејство, кога сакаше да замине од својот дом, немаше пари за да го плати билетот на бродот, а капетанот не сакаше да го пушти да влезе без билет. И неколку дена бродот не можеше воопшто да се помрдне. Дојдоа најдобрите мајстори, но не можеа да откријат зошто бродот не може да исплови.

Свети Нектариј целото тоа време седеше спроти бродот нажален, и дури кога капетанот му го фати погледот, сфати зошто бродот не може да тргне. Во моментот кога го пушти свети Нектариј да се качи, во тој час бродот исплови. Во 1876 година, на возраст од 30 години се замонаши и го доби името Нектариј. Во 1885 година дипломираше на Универзитетот во Атина. За време на своето студирање, напиша многу книги и даде многу свои коментари на Библијата. По дипломирањето, заминува во Александрија, Египет, каде што е ракоположен за јеромонах и служи во црквата во Каиро. Заради неговата побожност и дарба за проповед на Евангелието, во 1889 година е назначен за Митрополит на Пентаполи од Патријархот Софрониј.

Остана во Каиро една година, и неправедно и без објаснување беше преместен далеку од Египет, како резултат на клевети и лаги кажани за него. Во 1891 година се враќа во Грција, и две години служи на Евија. Во 1894 година именуван е за директор на Црковното училиште, каде неговите служби оставаат длабок траг и печат. Напиша многу студии и книги, за сето време додека служеше во Атина. Во 1904 година, на барање на неколку монахињи основа женски манастир на островот Егина. Манастирот го посвети на Света Троица, а изградбата заврши во 1910 година. Исто така, основа и многу цркви и параклиси низ целиот остров. Во декември 1908 година, на возраст од 62 години, ја напушти функцијата директор, и се пресели во манастирот, каде што остана до крајот на својот живот, во длабоко тихување како монах. Додека се градеше манастирот, секогаш им помагаше на работниците, работејќи заедно со нив. Многу сакаше цвеќиња и дрвја. Се претстави пред Господ на 21 ноември 1920 година (во 22 часот), на 74-годишна возраст.

Последните неколку години свети Нектариј боледуваше, и последните денови ги помина во болницата во Атина. Кога го пренесуваа од Атина во Егина, мирото непрестајно течеше од неговото чело. Сите беа вчудоневидени. Преблагиот мирис најпрвин се разлеа низ целата болница, па потоа и низ цела Егина. Во болницата, кога докторите дојдоа да го пресоблечат, случајно неговата кошула ја фрлија на соседниот кревет на кој лежеше парализиран човек. Во истиот момент кога тој се допре до кошулата на свети Нектариј, се излекува. На неговиот погреб присуствуваше многуброен народ. Пристигнуваа од секаде, за да се допрат до свети Нектариј. За Свететител е прогласен на 20 април 1961 година. Секој 22 ноември мноштво народ доаѓа во манастирот на свети Нектариј за да се поклони на неговите мошти.

Исцелување од тешка болест

Моите родители потекнуваат од Егина. Се викаат И. и М. Л., од семејството Ф. Нивната почит кон свети Нектариј ни ја пренесоа и на нас. Кога моето детенце имаше 4 години дојдовме на Егина за да се поклониме. Тоа имаше здравствени проблеми заради тешката бременост која ја имав. Со текот на времето ги изгуби потполно сетилата. Му направивме електроенкефалографија и не покажуваше ништо.

Кога дојдовме на Егина и отидовме кај Светителот да се поклониме, „мамо“, ми вели, „не треба така да се поклонуваме“. Тоа клекна на колена, ја наведна главата до земја и потоа ја целиваше светата глава. Оттогаш до денес кога веќе има осум години не се разболе вторпат. Голема е благодатта на светителот!

Исто така, сопругот на една сопруга страдаше 25 години од егзем. Ги помина сите лекари без да најде лек. Му се имаше раширено на рацете, лицето, главата, насекаде. Лошо изгледаше. Веднаш штом дозна дека се вратив од Грција, дојде во Политија каде што живеам, за да дознае нешто за светителот. Го помоли со вера. Враќајќи се во нејзиниот дом, дојде еден лекар кај нејзиниот маж и тој се излечи. Се зачудивме. Како тоа, толку години не се најде таков лекар? Тоа го сфативме како одговор на молитвата на мојата пријателка. (22.02.1968 год., К. П. Австралија)

Добивање на дете

Ви испраќам сума од 11.000 драхми, колку што собрав од моите приходи, за новата црква на светителот. Ги таксав кога бев болна и светителот ми помогна. Ви приложувам и едно јавно чудо на светителот. Една девојка се омажи со многу маки. Не можеше да забремени. Имаше направено операција од бениген тумур. Постојано имаше пречки. Се беше разочарала. Еден ден дојде кај мене дома и ми ја раскажа нејзината болка. и реков: „Не грижи се. Верувај му на свети Нектариј. Ќе те прекрстам со масло од кај него“. Ја прекрстив кај стомакот. Кога ја видов повторно, по неколку денови, таа дотрча, ме прегрна и ми рече: „Откако ме прекрсти со маслото, истата вечер го видов светителот во сон и ми рече: ,Не плаши се, ќе ти помогнам да добиеш дете‘“. Пред еден месец роди девојче.

(11.04.1968) Л. К. – Агринио

Се преселив во Хановер. Косата целосно ми испопаѓа од главата сè до темето. Мојата глава на средината стана како портокал, мазна. Отидов кај тројца лекари, но ништо. Во фабриката во која работам, една девојка ми даде масло од светителот. Го намачкав местото каде што ми испопаѓа косата и се случи чудо. Речиси се покри со коса целото место каде што беше испопаѓала. Му благодарам и го славам светиот Нектариј.

(08.04.1968) Н. Н. – Германија

Човек пред смрт – се спасил!

Жител сум на Јужна Африка. Родно место ми е Ираклио на Крит а мојот сопруг од Ретимно. Мојот сопруг страдаше од воспаление на вените во напредна фаза и беше закажана операција заради напреднатата состојба и на двете нозе.

Во декември 1965 год. му се појави сериозна болест на белите дробови. Можеби причина за болеста беше неговата работа (хемичар).

Оттогаш беше постојано под надзор на врвни лекари. Имаше редовни советувања, заради сериозноста и реткоста на состојбата, без да можат да ја подобрат или дефинираат состојбата. Редовно земаше кислород и осум видови на апчиња кои ги пиеше четири пати во денот.

Поради лошата циркулација на крвта беше нападнато и неговото срце. На 1 октомври 1967, ден недела, почна да плука крв. Го повикавме семејниот лекар и тој нареди да го пренесеме на клиника.

Болките станаа неподносливи, особено во ребрата и плукањето крв не престануваше. Во клиниката го чекавме докторот Ботулас (кардиолог – патолог). Веднаш го снимаше срцето, направи интензивни дишни испитувања и рече дека боледува од затнување на белите дробови и дека неговата состојба е критична.

Три дена постојано го следеше овој лекар – професор. Во ден четврток, замина за Дурбан на Лекарски семинар кој траеше 7 денови. Следеа посети од професорот Фулер, специјалист хирург – кардиолог, експерт за торакални болести. Следеа испитувања на крвта во Државната лабораторија и кај приватни микробиолози.

Со голема борба поминаа единаесет денови, кога се врати докторот Ботулас и го прегледа. Мала надеж за живот. На 12 октомври испушти претсмртна воздишка. Мртовечка боја на лицето и на рацете. Не се потресов ни најмалку пред таа трагична глетка. Ме поддржа некоја божествена сила. Од комодата ги зедов двете шишенца со свето масло и две икончиња, од Пресвета Богородица Тиноска, и од свети Нектариј. Му ги намачкав усните, додека устата му беше отворена. Го прекрстив и истовремено со солзи се помолив. Дојде лекарот, го прегледа и ме погледна натажено.

Имав повикано и свештеник да го причести. Попладнето докторот Ботулас буквално ми рече: „Госпоѓо Ѕ., жалам многу, но вашиот сопруг ќе живее уште половина час. Би биле среќни ако поживее најмногу три часа“.

Тогаш му реков: „Кажете ми, на крај, лекаре. Што има? Рак, внатрешно крварење, леукемија, туберкулоза?“ И тој ми одговори: „Сето тоа. Срцето му е проширено и не може пак да се собере. Белите дробови и двата му се скапани. Само чудо може да го спаси“.

Тогаш му реков: „Верувате ли и вие, лекаре, во чуда?“ И тој ми одговори: „Се разбира. Сите научници веруваме во чуда. Кога ние и науката со сите нејзини расположиви средства не можеме да го спасиме, тогаш го оставаме на Божествената Сила“.

Помина половина час и три часа и цела вечер со моите срдечни молитви. Утрото, какво чудо, мажот ми ги отвори очите и го изеде неговиот појадок.

Мојот маж е внук на монахињата Марија, која беше зографиња во времето на свети Нектариј, во неговиот манастир. Сите носиме беџови со неговиот лик. Од 12 октомври, кога ќе биде пренесен во Главната Болница во Јоханесбург, за да биде прегледуван и од други лекари, ги зедов со себе сите рентген снимки и лекарски мислења. Исто така и препорачаното писмо на докторот Ботула до неговите колеги, кое од љубопитност го прочитав. Пишуваше да се направи бавна подготовка. Тука умрените ги ставаат во фрижидери, сè до денот на погребувањето. Ја разбирате мојата тага во секој миг, секој ден. Но не ја изгубив мојата надеж. Некоја сила ме туркаше да се молам со побожност и вера.

Поминаа така две недели во болница. Во третата недела некој колега на мојот маж ми донесе книга за свети Нектариј. Ја прочитав со солзи ноќта и во текот на денот му ги прераскажав чудата на мојот маж, кој очигледно ме следеше и ме разбираше.

Во третиот ден по ред од раскажувањето, ми рече да му ја донесам книгата за да ја прочита. Буквално се изгубив. Неговата состојба темелно се измени веднаш откако ми рече дека таксал злато за свети Нектариј. Му реков дека и јас имам таксано исто.

Од наредниот ден професори лекари, болничари и други беа многу растрчани. Дневно се правеа по пет снимања на рентген. Следеа советувања. СЕ ПОЈАВИЈА НОВИ БЕЛИ ДРОБОВИ! Дишењето полека му се подобруваше. Примаше помалку кислород.

На 9 ноември, денот кога се празнува светителот, во моментот кога се враќав од црква кон болницата, ми рекоа лекарите дека за десет дена ќе излезе здрав. Така и стана.

Еден од лекарите, по потекло евреин, го праша мажот ми, покажувајќи кон беџот што го носеше на пижамата: „Што е ова?“ Мажот ми му објасни дека тоа е еден голем грчки лекар, кој се вика свети Нектариј и дека тој му го вратил здравјето. Потоа извади една икона од светителот со владички одежди, му ја покажа, се прекрсти на православен начин и ја целиваше. Евреинот, откако го ислуша со внимание, ја наведна главата и замина безгласен.

Мажот ми не се сеќаваше ништо, ни како се разболе, ниту на болницата. Се сеќаваше само од денот кога почна да ја чита книгата.

Веќе почна да работи на истата работа од 29 јануари.

Ве молиме да ни испратите икона од светителот, за да ја ставиме во црква за целивање. Овде христијаните не го знаат светителот. На неговиот празник на Божествена Литургија имаше само 5-6 жени.

Ви испраќам 1000 драхми во грчки пари. Благодатта на светителот да нè удостои да дојдеме побрзо за да се поклониме и да ги исполниме останатите наши ветени нешта. (16.05.1968) Г. П. – Јоханесбург.



Поврзани вести

Back to top button