Религија

Свети Андреј, архиепископ Критски – Се роди нем кога родителите го одведоа во црква и го причестија, тој проговори

Свети Андреј, архиепископ Критски

Роден е во Дамаск од родители христијани. Се роди нем и така остана до неговата седма година. Кога родителите го одведоа во црква и го причестија, тој проговори. Толкава е силата на Божествената Причест! Во својата четиринаесетта година отиде во Ерусалим и се потстрижи во лаврата на Св. Сава Осветен. Со разумот и подвигот ги надмина многумина постари монаси и им беше пример на мнозина. Потоа патријархот си го зеде кај себе за писмоводител. А кога почна да свирепствува монотелитската (едноволничка) ерес – којашто учеше дека Господ Исус ја немаше човечката волја, туку само Божетсвената – во Цариград се собра Шестиот Вселенски Собор, во 681 година, во времето на царувањето на Константин Брадестиот. Ерусалимскиот патријарх Теодор не можеше да оди на Соборот, туку го испрати како свој ополномоштеник овој Андреј, тогаш архиѓакон. На Соборот Андреј ја покажа својата надареност, беседништво, ревност кон верата и необичната расудливост. Откако помогна да се утврди Православната Вера, Андреј се врати на својата должност во Ерусалим. Подоцна беше избран и поставен за епископ на островот Крит. Како архиереј беше многу омилен кај народот. Ревнуваш многу за Православието и ги сотираше крепко сите ереси. Со своите молитви чудотвореше. Ги протера Сарацените од островот Крит. Напиша многу поучни книги, песни и канони, од кои најпознат е Великиот Канон на Пресвета Богородица, којшто се чита во четвртокот на петтата недела од Чесниот Пост. По надворешниот изглед беше таков, што секој којшто ќе го видеше неговото лице и ќе ги чуеше неговите медоточни зборови, се насладуваше и се поправаше.“ Смртта си ја претскажа еднаш кога се враќаше од Цариград кон Крит, велејќи дека нема да стаса дома. Така и се случи. Додека коработ минуваше крај островот Митилена, овој светилник на Црквата го заврши својот земен живот и се пресели со душата во Царството на Христос, во 712 година.

Света Марта

Мајката на Свети Симеон Дивногорец (под 24 мај). Со целата душа посветена на верата, таа и не помислуваше на брак. И кога родителите ја свршија за некој младич, намисли да го остави родителскиот дом и да се оддалечи од светот. Но ѝ се јави Св. Јован Предвесник и ја посоветува да им ја исполни волјата на родителите и да стапи во брак, како што таа и направи. Од тој брак се роди прекрасниот светител Симеон, подвижник Дивногорски. Света Марта имаше постојан обичај да станува на полноќ на молитва. Со голема милосрдност ги помагаше бедните, ги пригледнуваше сираците и им служеше на болните. Една година пред својата смрт виде големо мноштво ангели со свеќи во рацете и од нив го дозна времето на своето упокојување. После ова со уште поголема усрдност се предаде на молитва и добродетел. Се упокои мирно во 551 година, а беше погребена крај стапалата на нејзиниот син Симеон Столпник. Посмртно повеќепати им се јави на луѓето заради поука и заради исцелување на болни. Како значајно се памти нејзиното јавување на настојателот на обителта на Св. Симеон. По погребот на Света Марта игуменот постави на нејзиниот гроб кандило, со решение тоа никако да не се гаси. Но по извесно време луѓето ги потфати леност и кандилото згасна. Тогаш настојателот се разболе, му се јави светителката и му рече: „Зошто не го палите кандилото на мојот гроб? Да знаете дека мене не ми е потребна светлината од вашите свеќи, бидејќи се удостоив кај Бога со Незалезната небесна светлина, но вам ви треба. Зашто кога заискрува на мојот гроб, светлината ме поттикнува да Го молам Бога за вас.“ Од ова е јасно дека со нашата почит кон светителите ги побудуваме како подостојни од нас да Го молат Бога за нашето спасение.

Преподобен Андреј Рубљов

Руски подвижник, еден од најголемите иконописци на сите времиња. Најчесто е познат како автор на славната икона „Света Троица – Гостопримство Авраамово“, чија реставрација е завршена во 1918-19 година. За животот на Андреј Рубљов многу малку се знае. Се претпоставува дека е роден меѓу 1360 и 1370 година, а бил монах во Андрониковиот манастир во Москва. Првите податоци за неговиот живот се поврзани со Троицко-Сергиевата лавра, која најверојатно била негово прво училиште. Неговото световно име не е познато, а во „Преданието за светите иконописци“ е наречен Радоњешки. Неговото име првпат се споменува во летописот за 1405 година, по повод живописот на Благовештенската црква во Кремљ, каде што како мајстор е дел од тајфата на чие чело бил славниот Теофан Грк. За жал, старата Благовештенска црква не е сочувана, а заедно со неа пропаднал и живописот на големите мајстори. Долго време од својот живот преподобен Андреј поминал во Андрониковиот манастир, чиј основач бил свети Алексеј, Митрополит Московски. Во истиот манастир Рубљов се упокоил на 29 јануари 1430 година, а веднаш по него се упокоил и неговиот соподвижник Данило Чорни. Местото на неговото погребение не е познато. Од Црквата е прославен во 1988 година. Влијанието на Рубљов врз руската црковна уметност е огромно.

Светото царско семејство Романови

Последниот руски цар, Николај II Романов се родил на 19 мај 1868 година, на денот на свети Јов Многустрадален. На престолот стапил по смртта на својот татко, царот Александар III, на 2 ноември 1894 година. За цар е крунисан на 27 мај 1896 година, во соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Кремљ. Сопруга на царот Николај била принцезата Алиса Хесенска, внука на англиската кралица Викторија. Принцезата Алиса, идната царица Александра Фјодоровна, се родила на 7 јуни 1872 година во Дармштат. Николај и Александра се венчале на 19 ноември 1894 година. Во царското семејство се родиле четири ќерки: Олга, Татјана, Марија и Анастасија. На 30 јули 1904 година, царскиот пар го добил долгоочекуваниот син, наследникот на рускиот престол, царчето Алексеј. Царот Николај со големо внимание се грижел за потребите на Православната Црква. Дарувал големи прилози за изградба на нови цркви, воедно и за цркви што се наоѓале надвор од Русија. Во годините на неговото владеење, бројот на парохиските цркви се зголемил за повеќе од 10.000, а се отвориле над 250 нови манастири. Царот особено го почитувал свети Серафим Саровски, за чија канонизација, која се случила во 1903 година и на која лично присуствувал, упорно се залагал. Друг голем руски светител, свети Јован Кронштатски, исто така, имал посебно место во срцето на царот. Царскиот пар се одликувал со длабока религиозност. Задолжителната посета на богослужбите во неделите и на празниците, како и исполнувањето на сите постови, биле нераскинлив дел од нивниот живот. Ноќта на 3/16 јули 1918 година, царското семејство било убиено по повеќе од една година помината во прогонство.

Поврзани вести

Back to top button