Светата маченичка Маркела
На островот Хиос оваа светителка ужива огромна почит. Во нејзината црква постојано се случуваат чуда. Но нејзиното житие е непознато. Според Преданието Маркела била необично побожна девојка, која рано останала без мајка. Нејзиниот незнабожен и ѕвероподобен татко сакал да живее со ќерката како со жена. Маркела побегнала од татко ? . Но овој, разјарен како вистински ѕвер, ја стигнал и ја исекол на парчиња. Во близина на нејзиниот храм се наоѓаат некои камења коишто овде-онде биваат како со крв попрскани. Тие камења народот ги зема, ги носи в црква, ? се моли на Света Маркела, па ги полага врз болни, и од тоа оздравуваат.
Тропар
Девственичке Христова, јагне Божјо со благодат обвиено, Маркело, маченичке света, чест и поклонение денес на твојот спомен принесуваме и Бога Го славиме, Кој таква лоза меѓу децата подигна, за на твоите свети молитви пред Него да н? удостои, во вечни времиња.
Света Марија Магдалина
Мироносица рамноапостолна. Родум од местото Магдала крај Генисаретското Езеро, од племето Исахарово. Претходно мачена од седум зли дуохви, од кои ја ослободи Господ Исус и ја направи здрава. Верна следбеничка и служителка на Господ за време на Неговиот земен живот. Стоеше под Крстот на Голгота заедно со Пресвета Богородица и тагуваше горко. По смртта на Господ трипати го посети Неговиот гроб. Кога Господ воскресна, Го виде двапати: еднаш додека беше сама, а вторпат заедно со останатите жени Мироносици. Патуваше во Рим, излезе пред кесарот Тибериј и предавајќи му црвено обоено јајце го поздрави со зборовите: „Христос воскресна!“ Тогаш пред кесарот го обвини Пилат за неправедната осуда на Господ Исус. Кесарот го прими нејзиното обвинение и го премести Пилат од Палестина во Галија, каде што овој неправеден судија и заврши, во царска немилост и во тешка болест. Потоа од Рим се врати во Ефес кај Св. Јован Богослов, на кого му помагаше во делото на проповедањето на Евангелието. Со огромна љубов кон воскреснатиот Господ и со голема ревност му го јавуваше на светот Евангелието, како вистински Христов апостол. Се упокои мирно во Ефес и според Преданието погребана е во истата пештера во којашто беа чудотворно успиени во стогодишен сон Седумте отроци, после оживеани, па повторно умрени (под 4 август). Моштите на Света Марија Магдалина подоцна се пренесени во Цариград. Во близина на Гетсиманската градина се наоѓа прекрасен руски храм којшто ? е посветен на оваа светителка.
Тропар
Христос, Кој заради нас од Дева се роди, Го следеше, чесна Марие Магдалено, чувајќи ги Неговите заповеди и закони: затоа денес го празнуваме твојот свет спомен, примајќи по твоите молитви разрешување на гревовите.
Светиот свештеномаченик Фока
На овој ден е споменот на преносот на неговите мошти од Понт во Цариград, околу 404 година. Главното празнување на овој светител е на 22 септември и под тој ден е опишан неговиот живот и страдањата. На денешен ден се спомнува и едно чудо извршено од него. Еден човек Понтин го фатија Арапите. Го оковаа, му ги врзаа рацете одзади и така го оставија да умре. Лежејќи мешечки на земја и не можејќи да се помрдне, Понтин повика: „Свет маченику Фока, смилувај се и спаси ме!“ Го рече тоа и заспа, а во сонот виде како светителот Фока му се приближи, го фати за рака и му рече: „Ти простува Господ Исус Христос!“ Кога се разбуди, човекот се најде слободен и разрешен од сите врски. Стана значи и отиде во својот дом и го зеде споменот на Св. Фока за домашна слава.
Преподобен Корнилиј Перејаславски
На петнаесет години се замонаши кај Старецот Павел. Подоцна се повлече во пустина на молчание. Триесет години молчеше и не проговори со никого ни збор, така што мнозина го сметаа за нем. Толку се исуши со пост, што личеше на костур. Пред смртта прими схима и се упокои на 22 јули 1693 година.
Тропар
Новојавениот угодник Божји го почитуваме, преподобниот Корнилиј, крстот свој земајќи го, јаремот Христов храбро го понесе, на невидливите непријатели мажествено се спротивстави и лукавството нивно како добар воин го згазна. Пред владиката Христос сега претстои, молејќи се за нашите души.