СОВЕТ ОД ЕПИСКОПОТ ВЕЛИЧКИ ГАВРИЛ: Почетниците можат да почнат со пост само во среда и петок…!
Eве што пишува нашиот светогорски монах, големиот испосник и духовен отец, Епископот Велички Гаврил од Лесновскиот манастир, кој постојано живееше во најстрог пост, стои во објавата на самиот манастир:
„Оние што воопшто не постат нека почнат да постат, ако мислат да се спасат и душата да им влезе во Царството Небесно. Но тие не можат веднаш да го усвојат целото правило, туку најнапред нека постат во среда и во петок, во првата и во последната недела од постот, а потоа со текот на времето ќе се трудат, а Господ ќе им помогне да го примат полното правило, така што по некое време и тие ќе постат уредно…
Освен тоа, почетникот најнапред може во посните дни да не јаде месо и маст, а да јаде сирење и јајца, така што со текот на времето ќе мине на целосен пост.“ („Правила и одредби на Православната Црква за постот“, Епископ Велички Гаврил Светогорец).
Како што можеме да забележиме, карактеристика на светите луѓе од Црквата е голема строгост спрема себеси и големо снисходење и милост спрема послабите браќа и сестри. Телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост.