Сопственик на хотел во Халкидики со скриени камери во собите ги снимал гостите (ВИДЕО)
Паника и револт настана меѓу туристите кога беше откриено дека сопственик на хотел на Халкидики, Грција, поставил камери во хотелските соби. Како што пренесуваат грчките медиуми, сопственикот на хотелот на Афитос, Халкидики поставил скриени камери во собите и незаконски ги следел и снимал приватните моменти на своите гости.
Истрагата на грчката полиција е покрената по пријава на млад пар, кој на крајот на септември 2022 година пронашол камера во собата каде што ја поминале ноќта.
Како што информираат од полицијата, при истрагата било утврдено дека 34-годишниот сопственик на хотелот снимал и следел 27 лица, од кои огромно мнозинство се грчки и странски туристи, од кои 13 се идентификувани.
Против сопственикот е поднесена пријава, која ќе биде проследена до првостепеното обвинителство на Халкидики, за прекршување на законот за лични податоци и приватност на телефонската комуникација и усниот разговор.
Како што се наведува во истото соопштение, при претрес на просториите на туристичкото сместување биле пронајдени шест „скриени“ камери, полначи за мобилни телефони, осум мемориски картички, пронајден е и одземен пренослив електронски компјутер, таблет уред и мобилен телефон.
Туристите револтирани
Таткото на четиригодишно дете зборуваше за медиумите и го опиша она што го доживеал во хотелот минатото лето со семејството, како и мислите кои му поминале низ главата кога ја открил камерата.
– Нашиот личен живот, особено на нашето дете, е засегнат. Менувавме пелени, тој беше голо премногу часови во собата и воопшто не беше пријатно да се знае дека некој го снимал. Тоа може да го користи било каде на интернет, вели таткото на детето.
На масичката покрај нивниот кревет, црн уред, кој наликува на полнач за мобилен телефон со УСБ приклучок, ги снимал нивните приватни моменти во собата каде што престојувале туристите на Афитос, Халкидики.
– Изгледаше како некој вид полнач за телефон со УСБ приклучок. Не снимал додека бевме во собата. Не знам каква камера е во тоа чудо, ниту какви снимки би можела да направи и од кои агли. Мислам дека можеше да ја сними целата соба од таа маса, вели таткото.
Во хотелските соби биле откриени вкупно 6 скриени камери кои снимале слики и звук.
– Се сеќавам дека и реков на жена ми да не го полни телефонот на тоа чудо затоа што имавме свои полначи, а имаше и УСБ приклучок во ѕидот, па не го ни допревме. Сега знам само дека таму имало камера, вели тој.
Според овој татко, впечатоците од сместувањето на почетокот биле одлични, а всушност и самиот му честитал на сега обвинетиот хотелиер.
– Беше на ниво на хотел со пет ѕвезди. Внатре имаше сеф, кафемат, клима, убаво купатило. Беше многу добро и сопственикот што го сретнавме ни даде попусти за кафуле во центарот на селото. Јас лично му честитав, бидејќи бев воодушевен од работата што ја направи и сето тоа беше по многу разумна цена, рече тој.
Грчките медиуми јавуваат дека полицијата првпат дознала за овој случај кога сопственикот бил пријавен од поранешна вработена.
Имено, таа престојувала со своето момче во една од собите. Сопственикот на сместувањето и понудил соба бесплатно, за да и се заблагодари за успешната сезона во барот.
Целата работа била откриена кога партнерот на девојчето, кој работи во областа на електроника, видел уред на штекер во собата и сфатил дека се работи за скриена камера. Уредот, кој парот и’ го кажал на полицијата, бил вклучен и постојано ги снимал сликата и звукот од нивните движења.
Излегле од собата и со скриената камера што ја нашле отишле во полициската станица во Солон и пријавиле се.
Досега се јавија неколку лица кои се сомневаат дека се снимени во нивните соби, а се верува дека ќе ги има уште.