Избор на уредникотРелигијаТоп

Собор на свети Јован Предвесник и Крстител

Собор на свети Јован Предвесник и Крстител

Со оглед дека главната улога на Свети Јован се оствари на денот на Богојавление, древната Црква денот по Богојавление му го посвети на неговиот спомен. За овој ден се врзува и настанот со раката на Светиот Предвесник. Евангелистот Лука, кој посака да го пренесе Јовановото тело од Севастија, во којашто големиот Пророк беше убиен од царот Ирод во Антиохија, родното место на Св. Лука, успеа да ја пренесе само едната рака на Свети Јован, којашто во Антиохија ја чуваа до 10 век. Потоа беше пренесена во Цариград, но во времето на Турците исчезна оттаму. Свети Јован Крстител се прославува неколку пати во годината, но народот најмногу го празнува овој ден, 7 јануари. Меѓу евангелските личности околу Спасителот тој има посебно место: и според начинот на доаѓањето во светот, и според улогата на Крстител на луѓето за покајание, и како Крстител на Месијата, најпосле и според трагичното заминување од овој живот. Се одликуваше со толкава морална чистота што навистина можеше попрво да биде нарекуван ангел одошто смртен човек. Меѓу сите Пророци Свети Јован е единствениот кој можел и со рака да Го покаже Оној за Кого пророкувал. За раката на Светиот Предвесник се раскажува дека секоја година на денот на неговиот спомен архиерејот Антиохиски ја изнесувал пред народот. Понекогаш таа рака се јавувала раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и богата година, а во вториот неродна и гладна.

Тропар
Споменот на праведникот е со пофалби, а тебе ти е доволно и сведоштвото на Господа, Претечо, оти навистина се помажа најпочитуван меѓу пророците, бидејќи се удостои да Го крстиш во водите Оној за Когошто тие проповедаа. Затоа, откако пострада за вистината радувајќи се, и на оние во адот им Го благовести Бога Кој се јави во тело, Кој го зема гревот на светот и ни дарува милост голема.

Кондак
Од Твоето доаѓање во тело, Јордан се исплаши и со страв се враќаше. Исполнувајќи ја, пак, својата пророчка служба, Јован со треперење се смалуваше; ангелските сили се чудеа, гледајќи Те во водите крштеван во тело; и сите кои беа во мрак се озаруваа, воспевајќи Те Тебе, Кој се јави и ја просветли вселената.

Поврзани вести

Back to top button