Што открија нуркачите во Мермерното езеро длабоко 15 метри?
Мали риби, мов што почнал да се развива на мермерните блокови, но и исклучително студена вода откриле нуркачите од клубовите „Акватек“ и „Врело“ при истражувањето на новопојавеното Мермерно Езеро крај Прилеп. Тие викендов извеле истражувачко нуркање со цел да се утврдат карактеристиките на оваа езеро кое с` поголем број граѓани ко користат за освежување.
– Нуркачите извршиле мерења на неколку точки од езерото, при што е пресметано дека е длабоко 15-ина метри, а температурата на водата се движи од 22 степени на површината за во длабочините да се спушти на 8 Целзиусови степени – објавија свои сознанија нуркачите на клубот „Акватек“ на својата фејсбук-страница.
Истражувањата ги извршиле нуркачите Гоце Димитриевски, Даниел Атанасовски и Андрија Граматиковски. Сознанијата покажуваат дека водата надолу е многу чиста, но и исклучително ладна бидејќи е проточна. Тие не успеале да откријат од каде точно извира водата.
– Мермерното Езеро претставува прекрасна глетка, амбиент и, секако, подводен свет што вреди да се види – стои во објавата на фејсбук-страницата на „Акватек“.
Познато е дека езерото кај прилепското село Беловодица е настанато во поранешно рударско окно каде што се појавила подземна вода.