ЗдравјеТоп

Што е новиот коронавирус и кои се симптомите?

Вирус што може да предизвика сериозна болест на белите дробови, кој се појави во Кина и се рашири во 27 други земји, од денес вклучувајќи ја и Македонија.

Коронавирусот од 26 февруари зарази 78.1159 лица во Кина, од кои 2.717 умреа.

Кои се симптомите?

Се чини дека почнува со висока температура, проследена со сува кашлица, главоболка, мускулна болка и замор, вели Светската здравствена организација.

По една недела, настапува недостиг од здив, а кај некои пациенти е потребно болничко лекување.

Периодот на инкубација – помеѓу заразувањето и појавата на какви било симптоми – трае до 14 дена, според СЗО.

Но некои истражувачи велат дека тој може да трае дури 24 дена.

А кинеските научници велат дека некои луѓе може да бидат заразни дури и пред да им се појават симптоми.

 Колку е смртоносен коронавирусот?

Врз основа на податоците од 44.000 пациенти со овој коронавирус, СЗО вели:

– 81% развиваат благи симптоми

– 14% развиваат сериозни симптоми

– 5% стануваат критично болни.

Процентот на луѓето што умираат од оваа болест, која го доби името ковид-19, се чини дека е низок (помеѓу 1% и 2%) – но бројките не се веродостојни.

Илјадници лица сè уште се лекуваат, но може да умрат – така што стапката на смртност би можела да биде поголема. Исто така, нејасно е колку од благите случаи остануваат непријавени – така што стапката на смртност би можела да биде и пониска.

Ако погледнеме пошироко, околу една милијарда луѓе секоја година фаќаат грип, со меѓу 290.000 и 650.000 смртни случаи. Сериозноста на грипот се менува секоја година.

Може ли коронавирусот да се лекува или да се излечи?

Во моментов, лекувањето се состои од основните работи – одржувањето на телото на пациентот, ако треба и со апарати за дишење, сè додека неговиот имунолошки систем не успее да се избори со вирусот.

Сепак, работата за развој на вакцина е во тек и се надеваме дека пред крајот на годинава ќе има испитувања врз луѓе.

Болниците тестираат и антивирусни лекови за да видат дали тие имаат влијание.

Како можам да се заштитам?

СЗО вели:

Мијте ги рацете – сапунот или гелот за раце можат да го убијат вирусот.

Покривајте ги устата и носот при кашлање или кивање – најубаво со марамче – и измијте ги рацете потоа, за да спречите ширење на вирусот.

Избегнувајте допирање на очите, носот и устата – ако вашите раце допираат површина загадена од вирусот, тоа може да го внесе во вашето тело.

Не се приближувајте до луѓе што кашлаат, киваат или имаат температура – тие во воздухот може да распрснат мали капки што го содржат вирусот – идеално, држете се на 1 метар од нив.

Совети за Македонија

„Во случај на појава на симптоми, граѓаните да не шетаат по јавноздравствените институции, туку да ги повикаат надлежните епидемиолози за да биде организирана мобилна екипа што ќе ги прегледа во домашни услови“, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче откако го најави првиот потврден случај на коронавирус во Скопје.

Секој што доживеал симптоми, дури и ако се благи, особено ако допатувал од некое од жариштата на вирусот во последните 14 дена, се советува да остане во затворено и да се јави на телефонските броеви дадени од Министерството за здравство.

Дел од европските земји препорачуваат ако сте се вратиле од следниве конкретни области по 19 февруари, да ги повикате лекарските служби и да останете во затворено и да избегнувате контакт со други луѓе, дури и ако немате симптоми:

– Иран

– областите во карантин во северна Италија

– зоните со специјална нега во Јужна Кореја

– провинцијата Хубеи.

 

Колку брзо се шири?

Илјадници нови случаи се пријавуваат секој ден. Сепак, аналитичарите веруваат дека вистинскиот обем може да биде 10 пати поголем од официјалните бројки.

Сега се појавија епидемии во Јужна Кореја, Италија и Иран, предизвикувајќи стравувања дека ова може да стане пандемија. Пандемија се прогласува кога една заразна болест истовремено се разгорува во различни делови на светот.

СЗО рече дека е загрижена за бројот на заразените што немаат јасна врска со Кина или со други заразени. Организацијата рече дека прозорецот на можности за спречување на ширењето на вирусот е „стеснет“.

Бидејќи настинките и грипот имаат тенденција најбрзо да се шират во зима, надежта е дека менувањето на годишните времиња може да помогне во прекинувањето на епидемијата.

Сепак, еден друг вид коронавирус – блискоисточен синдром на респираторниот систем – се појави во лето, во Саудиска Арабија, така што нема гаранција дека потоплото време ќе ја запре епидемијата.

 

Како почна сè?

Овој вирус не е баш „нов“ – тој е нов само за луѓето, откако скокна од еден вид суштества на друг.

Голем број од првите случаи беа поврзани со пазар за морска храна на големо во јужна Кина, во Вухан.

Во Кина многу луѓе доаѓаат во близок контакт со животни што имаат вируси – а густото градско население во земјата значи дека болеста може лесно да се шири.

Тешкиот акутен респираторен синдром (Сарс), кој исто така е предизвикан од коронавирус, почна кај лилјаци, потоа зарази еден тип мачки, кои пак им го пренесоа на луѓето.

Во епидемијата на Сарс, која почна во Кина во 2002 година, починаа 774 од вкупно 8.098 заразени лица.

Сегашниот вирус – еден од седумте вида коронавирус – се чини дека засега не мутира. Но иако се чини дека е стабилен, ова е нешто што научниците будно ќе го следат.

Поврзани вести

Back to top button