Македонија

Се враќаат депозитите во банките!

По априлското повлекување на депозитите од банките и зголемената побарувачка за девизи на менувачкиот пазар, состојбата се нормализира. Имено, дел од банкарите велат дека на почетокот од мај е регистриран зголемен прилив на депозити во банките, односно враќање на штедните влогови, пишува ФАКТОР.

“Регистиран е зголемен број на граѓани кои сега ги враќаат депозитите во банките, особено е забележано враќање на девизните депозитит. Се враќаат влоговите кои се чуваа дома, што секако е најнебезбеден и непрофитабилен начин на заштита на парите. Има и  случаи во кои од сеф, парите повторно се враќаат на штедна книшка. Во бранот на повлекување на депозитите, граѓаните изгубија  добивка од камата и трошок по основ на курсна разлика“, коментираат дел од банкарите од водечки банкарски групации во земјава.

Пред неколку дена и од Народната банка соопштија дека состојбата се нормализира, но сеуште не е на исто ниво како претхдно.

“За разлика од пред две недели, во последните неколку дена минимализирано е повлекувањето на депозитите и менувачкиот пазар, но состојбата сеуште не е на нормално ниво“ – изјави пред неколку денови гувернерот Димитар Богов.

Со цел да го заштити денарот, односно да го дестимулира штедењето во девизи но и да го запре процесот на повлекување на депозитите, НБМ презеде неколку мерки.

“Заради натамошно поттикнување на процесот на денаризација на депозитите во домашниот банкарски систем, Советот ја зголеми стапката на задолжителната резерва за обврски на банките во домашна валута со валутна клаузула. Со оглед на незначителното учество на овие обврски во билансите на банките, измените се исклучиво заради натамошно задржување на ниската склоност на економските субјекти за пласирање на овој вид на депозити во домашните деловни банки“, соопшти Народната Банка.

Дополнително,  заради одржување и зголемување на депозитите во домашниот банкарски систем, банките од почетокот на оваа недела  можат да пласираат девизни депозити во централната банка по повисоки каматни стапки од тековните негативни каматни стапки, коишто преовладуваат на меѓународните финансиски пазари. Според НБМ, се очекува дека оваа мерка ќе придонесе за намалување на трошоците на домашните банки, што следствено би придонесло за повисоки каматни стапки за депозитите на нивните клиенти, домашните правни и физички лица.

ИЗВОР: FAKTOR.MK

Поврзани вести

Back to top button