Руски комитет: ИД подготвува напади во Русија и во Европа
Ограноци на Исламска држава на чело со Чеченот, Ахмед Четаев задолжен за регрутирање планираат терористички напади во Русија и во Европа, предупреди денеска Националниот антитерористички комитет.
Поранешни ирачки воени офицери кои биле на служба под режимот на Садам Хусеин учествуваат во обуката на терористи за напад врз Русија, тврди Комитетот.
– Руските специјални служби имаат информации дека одделни групи од ИД подготвуваат терористички напади во Русија и европски држави, изјави портпаролот на Комитетот Андреј Пржездомски.
Тој прецизира дека посебно е активен батаљон од регрути од Северен Кавказ на чело со Ахмед Четаев и оти руските сили прават се за да запрат прилив на терористи во Русија кои доаѓаат од Сирија преку Турција.
– Повеќе од 100 луѓе кои имале намера да бидат дел од ИД се уапсени пред да успеат да им се придружат, а повеќе од 800 борци се уапсени на пат кон Русија од кои 22 терористички регрути, додаде Пржездомски.
Тој тврди дека од Сирија во Русија пристигнала група од четири екстремисти со план да нападнат во голем град, но во меѓувреме се уапсени и чекаат судење.
– Постои развиен систем за криумчарење регрути од ИД од Сирија. Главната рута е преку Истанбул, изјави Пржездомски.