Македонија

Разбиена криминална група од Струмица, продавале хероин по цена од 1.300 и 1.500 денари за грам (ФОТО)

Засилените активности на МВР за сузбивање на уличната продажба на наркотични дроги продолжуваат, па Одделот за криминалистичка полиција во координирана акција со СВР Струмица, СВР Штип, Одделот за специјални полициски операции и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, разби криминална група од Струмица, која се занимавала со продажба на наркотична дрога „хероин“.

Организатор на криминалната група е В.С. (45) од Струмица, лице со криминално минато, осудуван за тешки кривични дела, како и за недозволена трговија со дрога. Тој организирал набавка на наркотична дрога „хероин“ во количини од половина килограм, која потоа ја препакувал во помали паковки (од еден до пет грама) и ја продавал по цена од 1.300 и 1.500 денари за еден грам на уживатели и дилери од Струмица и Штип.

Во продажбата на дрогата бил инволвиран и Т.К. (49) од с.Добрејци- Струмица, кој по добиени насоки од организаторот, „хероинот“ го продавал од неговиот дом во с.Добрејци на уживатели и дилери.

Во почетокот на октомври 2019 година, во Штип, од страна на полициски службеници е лишен од слобода В.М (33) од Штип, кај кого при личен претрес пронајдена е наркотична дрога „хероин“, која ја купил од В.С. од Струмица, поради што СВР Штип против В.М. поднесе кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ .

На 25 и 26.10.2019 година во Струмица лишени од слобода се шест лица од Струмица за кои во истрагата е утврдено дека купувале наркотична дрога „хероин“ од В.С и Т.К.. При претреси на седум локации во Струмица кај пет лица, меѓу кои и станот кој го користел В.С. во Струмица, пронајдени се околу половина килограм наркотична дрога „хероин“, спакувана во неколку кеси и смеса за мешање, 45.000 денари, 325 евра, а запленети се две патнички возила, кои биле користени за продажба на хероин.

По завршување на истрагата, СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.С. и Т.К. за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и против П.С. (42) од Струмица, за сторено кривично дело „помагање“ во „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Од страна на судија на претходна постапка на В.С и Т.К одреден им е притвор во траење од 30 дена.

Во рамки на стратешкиот приоритет за 2019 година на Министерството за внатрешни работи „борба против недозволената трговија со дрога и оружје“, МВР ќе продолжи со интензивни активности, со посебен акцент на сузбивање на уличната продажба на наркотични дроги.

Поврзани вести

Back to top button