Првенци на генерацијата од медицина останаа без ветените работни места
Нема слободно работно место по систематизација за најдобрите студенти по медицина. Четворицата првенци на генерација со просек 10ка на медицинскиот факултет во Скопје седат дома без работа. Вработувањето на десетте најдобри студенти кое беше најавено од министерството за здравство како мерка за задржување на медицинскиот кадар во земјава остана само ветување, пренесува Телевизија 24.
Не само што не добија вработување, туку младите лекари се уште не ја започнале ниту шестмесечната платена пракса, од која им зависи и уписот на специјализација. Најавена исто како една од низата мерки со која ќе се подобри стандардот на младите лекари од страна на Министерот Филипче и оваа мерка засега останува нереализирана. Процедурите одат бавно, а младите лекари се уште не добиле ниту договори за започнување на праксата.
За младите лекари ова е големо разочарување. Велат дека токму поради ваквите состојби во системот и државата која не знае да ги цени и вреднува, веќе почнуваат да размислуваат и за работа во странство.
Министерот за здравство кој се сликаше со студентите на својот Фејсбук профил и кој ветуваше дека секој млад лекар што ќе заврши ќе биде вработен сега вели дека изборите ги закочиле процедурите, но ветува дека младите лекари ќе добијат работно место.
Но, освен декларативните заложби и фалбите на социјалните мрежи и партиските трибини, младите лекари очекуваат конкретни мерки и реализација на ветувањата од страна на здравствените власти.
Инаку лани за прв пат на медицинскиот факултет во Скопје дури четворица студенти се прогласени за најдобри во својата генерација. Сите четворица се со просек 10ка во сите години на студирање.
И додека овие млади и надежни лекари седат дома без работа, статистиките за одлив на медицински кадар се поразителни. Според последните податоци од Лекарската комора само лани близу 200 лекари ја напуштиле државава.