Промовирана нова странска инвестиција во ТИРЗ, платите ќе бидат над 1.000 евра месечна плата, тврди директорот Деспотовски
Мултинационалната водечка компанија за аутсорсинг услуги „ЕМАПТА“ ќе отвори деловен простор од 6.000 метри квадратни во технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ), а раководството на компанјата планира да вработи 850 млади луѓе во наредните пет години, информираат од ТИРЗ. Денеска оваа странска инвестиција ја промовираше директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски заедно со премиерот Димитар Ковачевски. Тие кажаа дека месечната нето плата ќе изнесува повеќе од 1.000 евра.
Компанијата има своја мрежа во Европа, Јужна Америка, Австралија, Сингапур, Шри Ланка, Малезија, Нов Зеланд и има 7.600 вработени ширум светот.
Директорот Деспотовски нагласи дека со оваа инвестиција во пракса се покажува грижа за младите.
„Ја отвораме годината исто како минатата, со најава на нова странска инвестиција. Компанијата „ЕМАПТА“ отвора можност за вработување на над 850 млади луѓе од Македонија кои ќе бидат тука, ќе заработуваат добри плати и своето семејство и иднина ќе ги планираат овде, а притоа ќе работат за глобални компании. Тоа е моделот и концептот со кој започнуваме годинава“, рече директорот.