Македонија
Притвор за советникот на градоначалникот на Шуто Оризари
Советникот на градоначалникот на Шуто Оризари С.М. осомничен за примање мито доби 30 дневен притвор, соопшти Основното јавно обвинителство, каде е започната истрага за Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.
-Осомничениот како вработен во општината Шуто Oризари на 27 јануари во службените простории на општината примил претходно договорена награда во висина од 1000 евра. Наградата осомничениот ја договорил и примил за, искористувајќи го своето влијание, да изврши посредување во вршење на службено дејствие кое не би требало да се изврши. Имено, тој ги побарал средствата за да се донесе Решение за утврдување правен статус на бесправно изграден објект, се вели во соопштението на ОЈО.
Вработениот во општината беше приведен пред неколку дена под сомение дека земал мито за легализација на куќа.