Преподобен Нектариј Битолски, неговите мошти почиваат на Света Гора
Заминал во Света Гора каде што и денес почиваат неговите мошти во ќелијата во која што живеел и се молел.
Преподобниот Нектариј Битолски е роден во Битола од побожни родители. Крстено име му е Никола. Живеел во време кога Турците ги освојувале овие простори. Мајка му, еднаш кога работела на гумното, заспала и сонувала како Богородица ја советувала со мажот и децата да бегаат и некаде да се сокријат зашто ќе дојдат Турците и ќе направат многу зла. Ги послушале советите на Божјата Мајка и се засолниле.
Навистина набргу дошле Турците и на населението му направиле многу зло. Кога состојбата се смирила целото семејство излегло од засолништето живо и здраво и благодарно кон Бога и Богородица за предупредувањето и за спасението.
Татко му на Никола во поодминати години, со одобрение на мајка му заминал во манастирот „Свети врачи Кузман и Дамјан“ близу до Битола, се замонашил и добил име Пахомиј. Во манастирот често доаѓал и Никола заедно со својот брат.
Обичај било во манастирот да доаѓа околното население и да носи дарови. Особено тоа масовно се случувало за време на празникот на Светите Врачеви. Еднаш се случило народот донесол многу подароци за манастирот. Имало во изобилство храна и вино. Но имало и многу народ така што виното бргу се испило. Пахомие и неговите двајца синови слегле во подрумот со свеќи во рацете за да ги измијат бочвите но биле изненадени кога виделе дека бочвите на чуден начин биле наполнети со миризливо и квалитетно вино.
Гледајќи го ова чудо и сеќавајќи се на јавувањето на Богородица на мајка му, младиот Никола уште повеќе го засакал животот во манастир и заминал на Света Гора. Таму бил примен од старецот Дионисиј кој веднаш го одвел кај видовитиот старец Филотеј. При првото видување старецот го повикал по име: „Ти си Никола, синот на Пахомиј, и сакаш да живееш со нас“. Никола се изненадил, од каде овој старец што прв пат го гледа, го знае неговото име и името на неговиот татко, но стариот му објаснил дека тоа го разбрал од Бога што и го испратил тука.
Воодушевувајќи се од двајцата старци Никола останал да живе со нив и да им помага, се замонашил и го добил името Нектариј.
Преподобниот Нектариј Битолски умрел на 5 декември 1500 година. По пет години неговите ученици го отвориле гробот и виделе дека од неговите мошти течело миро и се ширела пријатна миризба. И денес светите мошти на Нектариј Битолски почиваат во ќелијата во Света Гора во која тој живеел и се молел.
Св. Сава Осветен: Роден е во Кападокија од татко Јован и мајка Софија
Незначајното село Муталаск во Кападокија стана славно поради ова големо светило на Црквата. Овде Сава се роди од татко Јован и мајка Софија.
Родителскиот дом го напушти кога имаше осум години и се замонаши во блиската обител наречена Флавијанова. После десет години премина во Палестинските манастири и таму најдолго се задржа во обителта на Светите Ефтимиј Велики (се слави на 20 јануари) и Теоктист. Прозорливиот Ефтимиј за него прорече дека ќе стане славен монах и наставник на монасите и дека ќе основа лавра поголема од сите лаври на сите времиња.
По смртта на свети Ефтимиј, Сава се оддалечи во пустина, каде што во една пештера, којашто му ја покажа Ангел Божји, помина како отшелник пет години. Потоа, кога стана совршен монах, по Божја Промисла околу него почнаа да се собираат многумина ревнители за духовниот живот. Набрзо се собраа во толкав број, што Сава мораше да изгради црква и многубројни келии.
Дојдоа и некои Ерменци, на коишто тој им одреди пештера за во неа да служат на ерменски јазик. Кога умре татко му, кај него дојде неговата остарена мајка Софија, којашто тој ја замонаши и ѝ даде келија подалеку од неговиот манастир, па во неа таа се подвизуваше до крајот на животот.
Овој свет отец претрпе многу напасти од ближните, од еретиците и од демоните. Но, тој сите ги победуваше, блиските со благост и попустливост, еретиците со непоколебливо православно исповедање, а демоните со крсниот знак и повикувајќи Го на помош Бога. Особено голема борба имаше со демоните на гората Кастела, каде што го основа својот втор манастир. Тој и неговиот сосед Теодосиј Велики се сметани за најголеми светила и столбови на Православието на Исток. Тие ги исправаа царевите и патријарсите во верата, а на сите им служеа како пример на светителско смирение и на чудесната Божја сила.
По трудољубивиот и многуплоден живот свети Сава се упокои во 532 година, во деведесет и четвртата година од својот живот. Меѓу другото, тој го устрои манастирскиот типик на богослужење, којшто подоцна се рашири по целото Православие и стана познат како Ерусалимски устав.