Православни светители кои се празнуваат денес
Светите маченици Агатопод и Теодул
Првиот беше ѓакон, а вториот чтец на црквата во Солун; првиот преукрасен со старечка мудрост, а вториот со младешка девственост. Во времето на Диоклецијановата хајка на христијаните овие двајца беа повикани на суд. Тие се одѕваа со радост и држејќи се еден другиот за рака одеа викајќи: „Ние сме христијани!“ Сите совети на судиите да се одречат од Христа и да им се поклонат на идолите останаа залудни. После долготраен затвор и гладување ги осудија на смрт со потопување во морето. Рацете им ги врзаа наопаку и им обесија по еден тежок камен на вратот, па ги поведоа на потопување. Кога сакаа да го турнат прв Агатопод во длабочината, тој возвикна: „Еве, со второ Крштение се миеме од сите наши гревови и излегуваме чисти пред Христа Исуса!“ Нивните потопени тела морето наскоро ги исфрли на брегот, а христијаните чесно ги погребаа. Свети Теодул во сон им се јави на своите познаници како светол ангел во бела облека и им нареди сиот негов преостанат имот да им го раздадат на сиромасите. Овие прекрасни Христови војници чесно пострадаа за верата во времето на царот Диоклецијан и солунскиот кнез Фаустин во 303 година.
Преподобен Марко Трачески
Се нарекува уште и Атински, според неговото родно место Атина. Кога таму ги заврши високите школи, родителите му умреа. Тој во себе помисли дека благовремено треба да се подготви за чесно заминување од овој свет. Откако им го раздаде имотот на сиромашните, седна на една штица и тргна по морето со тврда вера во Божјата помош и молејќи Го Бога да го одведе на место коешто ќе ѝ биде угодно на Неговата Света волја. Промислителот Бог го одведе во Ливија (или Етиопија), на планината наречена Траческа. На оваа планина Марко се подвизуваше полни деведесет и пет години и не виде таму ниту човек ниту ѕвер. Цели триесет години водеше страшна борба со демоните и се мачеше со глад и жед и жега и мраз. Јадеше земја и пиеше морска вода. После триесет години најжестоко страдање демоните победени побегнаа од него, а ангел Божји почна секој ден да му носи храна во вид на леб, риба и овошје. Пред смртта дојде да го посети Св. Серапион, којшто потоа и го објави житието на овој чудесен светител. Го запраша Марко Серапион: „Има ли денес христијани во светот кои кога би ѝ рекле на оваа гора: „Дигни се одовде и фрли се в море “, тоа и би се случило?“ Во тој миг накај морето се крена планината на којашто седеа самите. А Марко замавна со раката и ја запре. Таква чудотворна сила имаше овој Божји човек. Пред смртта се помоли за спасението на луѓето и Му ја предаде својата душа на Бога. Св. Серапион ги виде ангелите што ја зедоа душата на Св. Марко и раката што се пружи од небото за да ја прифати. Свети Марко поживеа сто и триесет години и се упокои во Господ околу 400 година.