Православни светители кои се празнуваат денес
Светиот свештеномаченик Ипатиј, епископ Гангрски
Роден во Киликија, а епископ во градот Гангра. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор. На сите страни прочуен заради благочестивиот живот и дарот на чудотворство. Царот Констанциј нареди да се изобрази ликот на Ипатиј уште за време на животот на овој светител и тој лик царот го држеше во својот дворец како оружје против секаква непријателска сила. Враќајќи се еднаш од Цариград Ипатиј беше нападнат во еден теснец од еретиците новатијани и турнат од друмот во некоја кал. При ова една жена од таа дружина го удри со камен во главата и вака светителот го заврши својот земен живот. Но жената одеднаш полуде и го зеде истиот оној камен и со него се удираше самата себеси. Кога ја доведоа на гробот на Свети Ипатиј и Му се помолија на Бога за неа, по големата милосрдност на Свети Ипатиј таа се исцели и остатокот од животот го помина во покајание и молитва. Свети Ипатиј пострада и се пресели во Царството на Христос во 326 година.
Свети Јона, митрополит Московски
Светиот свештеномаченик Авда
Епископ на градот Суза. Убиен за Христа во 418 година во Персија од царот Издегерд. Неговиот ѓакон Св. Венјамин мачителите го пуштија под услов повеќе да не го проповеда Евангелието. Тој најнапред се согласи со овој услов, но не можеше да му одолее на срцето и продолжи по народот да ја распростира верата Христова. За ова беше фатен и убиен, три години после Свети Авда, во 421 година.
Преподобен Аполониј
Прочуен мисирски пустиник. Во петнаесеттата година се одрекол од светот и се повлекол во некоја гора, каде што проживеал четириесет години, хранејќи се само со полски растенија. Потоа основа манастир во кој имаше петстотини монаси. Се упокои мирно во 395 година.