МакедонијаРелигија

Православни светители кои се празнуваат денес

Преподобен Исаак Сирин II (Исаак Сирин I се празнува на 28 јануари)

За овој светител пишува Св. Григориј Двоеслов. Во Италија дојде во готско време и во градот Сполетан еден ден влезе в црква. Го замоли еклисијархот да го заклучи внатре и да го остави во црквата и преку ноќта. И така ја помина цела ноќ неподвижен на молитва. Исто така и утредента и наредната ноќ. Еклисијархот го нарече лицемер и му удри шлаканица. Но во истиот миг полуде. Гледајќи го колку се мачи, Св. Исаак се наднесе над него и во тој миг демонот побегна од бесомачниот. Значи еклисијархот оздраве. Слушнаа луѓето за овој настан и целиот град притекна кон овој необичен туѓинец. Му нудеа имот и пари, но тој с ѐ одби, ништо не прими и се повлече во шумата, каде што си направи келија којашто потоа се претвори во голем манастир. Исаак беше познат по чудотворството, особено по дарот на проѕорливост. Еднаш навечер тој им нареди на браќата да ги изнесат мотиките во лозјето и да ги остават таму. Утредента тргна со браќата кон лозјето и понесе ручек. Монасите се чудеа што ќе им е тој ручек кога немаат работници. Но кога стигнаа таму имаше онолку луѓе што копаа колку што беа мотики. Овие луѓе беа западнале во лозјето како крадци сакајќи да ги украдат мотиките, но силата Божја ги запрела да копаат цела ноќ. Другпат дојдоа двајца мажи, речиси голи, да бараат облека од Свети Исаак. А тој испрати еден монах до едно шупливо дрво покрај патот и му рече да донесе што ќе најде таму. Отиде монахот, најде некои облеки во дрвото и ги донесе. Игуменот им ги предаде овие облеки на питачите. Тие длабоко се засрамија, зашто ги препознаа облеките коишто самите пред да дојдат ги беа сокриле во истото дрво. Еден човек испрати две кошници во манастирот. Патем монахот едната ја скри, а другата му ја однесе и му ја предаде на игуменот. Светителот му рече: „Внимавај на враќање. Во онаа кошница што ја остави покрај патот се вовлече змија отровница. Чувај се да не те касне“.

Свети Василиј Исповедник

Овој добродетелен маж во времето на иконоборството беше епископ во градот Парија во мала Азија. Одби да го потпише царското писмо против иконопочитувањето. За ова беше многу прогонуван и мачен. Но тој остана тврд во Православието. Се упокои и се пресели кај Господ во првата половина на 8 век.

Преподобен Акакиј

Од селото Голица во Епир. Голем атонски подвижник, духовник и проѕорливец. Имаше многубројни небесни виденија. Неколкумина монаси ги благослови за подвиг на мачеништво. Се упокои во неговата деведесет и осма година, во 1370 година.

Преподобна Атанасија

Родена на островот Егина од богати и благородни родители. Имотот им го раздаде на сиромасите и појде во манастир, каде што себеси си налагаше подвиг врз подвиг. Храна земаше само еднаш дневно, и тоа леб и вода; за време на Чесниот Пост еднаш во два дена, а риба и масло вкусуваше само на Божик и на Воскресение. Иако беше игуманија, во манастирот им беше слугинка на останатите сестри и се срамеше некој нејзе да ѝ послужи. Се удостои со голем дар на чудотоворство и за време на животот и после смртта. Се упокои во Господ во 860 година.

Поврзани вести

Back to top button