Православни светители кои се празнуваат денес
Упокоение на Свети Методиј Солунски
…
Тропар
Свети Евтихиј, патријарх Цариградски
Роден е во Фригија од благочестиви родители. Татко му беше офицер. Еднаш момчето Евтихиј се забавуваше со своите врсници, а нивната игра се состоеше во тоа што секој го запишуваше своето име на карпата и покрај името оној чин којшто според насетувањето ќе го добијат во животот. Кога дојде на ред Евтихиј, тој напиша: „Евтихиј патријархот“. Во неговата триесетта година стана игумен на еден амасиски манастир. А кога имаше четириесет години, амасискиот митрополит го испрати наместо себеси на Петтиот Вселенски Собор. На Соборот тој заблеска како пресветла ѕвезда меѓу отците на Црквата, како со својата ученост така и со благочестието. Кога настана препирка за тоа можат ли еретиците после смртта да бидат предадени на анатема, тој го застапуваше мислењето дека можат, повикувајќи се на 3 Книгата Царства 13, 1 – 8 и на 4 Книга Царства 23, 16. Многу му омиле на царот Јустинијан и на патријархот Мина. Царот често го прашуваше за совет, а Мина (кој во тоа време беше мошне богат) го назначи за свој наследник и го замоли царот тоа да биде спроведено и во дело. Така и беше. Свети Евтихиј мирно управуваше со Црквата дванаесет години. Но тогаш ѓаволот крена бура против него. Оваа бура го зафати и самиот цар Јустинијан. Имено, царот се опрелести и падна во монофизитската ерес на автартодокетите, која учеше дека Господ Исус и пред Воскресението имал Божествено и нераспадливо тело, без чувство за глад, жед и болка. Евтихиј одлучно стана против оваа ерес, заради што царот го протера во прогонство во неговиот прв манастир. Овде тој поживеа дванаесет години и осум месеци и се покажа голем чудотворец. Исцелуваше од разни болести со молитва и помазувајќи со елеј. Јустинијан се покаја и умре, а него го наследи Јустин, којшто го врати Евтихиј на патријаршискиот престол, на кој светителот остана до својата смрт мирно управувајќи со Црквата Божја. Во својата седумдесетта година, во 582 г. се пресели во Царството на Господ Христос, Кому верно и храбро Му служеше сиот свој живот.
Светите Сто и дваесет маченици коишто пострадаа во Персија
Кога персискиот цар Сапор ги ограби византиските земји, одведе во ропство сто и дваесет христијани. Откако залудно ги присилуваше да се одречат од Христа и да му се поклонат на огнот, ги фрли во оган и живи ги изгоре. Меѓу овие маченици имаше и девет девици посветени на Бога. Сите пострадаа чесно меѓу 344 и 347 година.