МакедонијаРелигија

Православни светители кои се празнуваат денес

Свети Софрониј, патријарх Ерусалимски

Роден е во Дамаск од угледни родители. Откако насобра светска мудрост сепак не остана задоволен и тргна да ја собира единствено духовната. Во Лаврата на Св. Теодосиј се најде со монахот Јован Мосха кого го зеде за свој учител и тргнаа заедно да ги обиколуваат манастирите и подвижниците во Мисир. Нивната лозинка беше: „секој ден стекни што повеќе духовна мудрост “. С ѐ што знаеја запишаа и потоа го издадоа во две книги под името Лемонариум (или Цветник). Подоцна заминаа во Рим, каде што Мосха умре, а му остави на Софрониј аманет да го пренесе или на Синај или во Теодосиевата Лавра. Софрониј му ја исполни желбата и го однесе телото на својот учител во Лаврата на Теодосиј, а самиот се задржа во Ерусалим, којшто во тоа време беше ослободен од Персијанците. Присуствуваше на враќањето на Чесниот Крст од Персија, кога царот Ираклиј на своите плеќи го внесе Крстот во Светиот Град. Стариот патријарх Захарија исто така вратен од ропство не поживеа долго, па кога се пресели во оној свет, го замени Модест (+ 364г.), а после него патријарх беше блажениот Софрониј. Тој со особена мудрост и ревност управуваше со Црквата десет години. Стануваше во одбрана на Православието од монотелитската ерес, којашто тој на својот собор во Ерусалим ја осуди уште пред таа да биде осудена на Шестиот Вселенски Собор. Го напиша житието на Св. Марија Египетска, го состави чинот на Водосвет и воведе нови химни и песни во разни богослужби. Кога арапскиот калиф Омар го освои Ерусалим, Свети Софрониј го измоли да ги поштеди христијаните, а Омар ова наводно и го вети. Кога сепак калифот набрзо потоа почна да ги ограбува и малтретира христијаните во Ерусалим, Софрониј од дното на срцето Го молеше Бога да го земе од живите на земјата за да не го гледа осквернувањето на светоста. И Бог ја услиши неговата молитва, па го зеде кај Себе во 644 година.

Светиот маченик Пиониј и другите со него

Свештеник смирненски. Пострада во Смирна во времето на Декиевото гонење. Го осудија на распнување, заради што беше многу радосен. И штом војниците го склопија крстот и го положија на земјата, Пиониј самиот легна на крстот, ги испружи рацете и им заповеда на војниците да му ги приковаат рацете со клинци. Крстот го всадија во земјата наопаку, а под главата на маченикот наложија оган. Наоколу имаше многу народ. Светиот Пиониј си ги затвори очите и радосно возвикна: „Боже, прими го мојот дух!“ и издивна. Овој светител го напиша житието на Св. Поликарп Смирненски. Пострада и се прослави во 250 година.

Преподобен Георгиј Синаит

Игумен на Синајската Гора. Голем подвижник и праведник. На Пасхалната ноќ ангел Божји го пренесе во Ерусалим на литургија и истиот ден повторно го врати на Синај. Се упокои мирно во 6 век.

 

Поврзани вести

Back to top button