„Пратениците да ги вратат парите, наместо да си ги зголемуваат патните трошоци“
Даночниот експерт Славко Лазовски во интервју за Макфакс изјави дека надометокот за одење и доаѓање на работа што го примаат пратениците е спротивен на неколку закони, првенствено на законот за работни односи.Според него, земените пари по основ на патни трошоци, треба да ги вратат во буџетот, наместо да си ги зголемуваат парите парите по оваа ставка.Тој порачува, пратениците да донесат нова одлука со која ќе укинат старата од 2009-та со која самите си дале привилегија да добиваат надомест за патни трошоци.
„Согласно законот за работни односи овој надомест за вработените е укинат пред десетина години. Практично надоместот за превоз и храна на вработените се споија со бруто плата.
Да го тргнеме законот на страна, сепак за собранието важат одредбите од законот за извршување на буџетот.Со досегашните одредби од него,за пратениците се не предвидува надомест за овој вид трошоци. За да го остваруваат ова право, тие во 2009-та имаат донесено одлука на собраниска комисија. И со таа одлука тие си дале право на патни трошоци“, објаснува Лазовски.
30% од цената за потрошен литар бензин како што им се плаќа на пратениците е дел од закон за исплата плати и надоместоци, донесен уште во 90-тите години. Лазовски тврди дека ова е спротивно на законот за работни односи, но и остава простор за бројни манипулации.
„Вработениот не може да користи сопствено возило како оправдание дека дошол на работа.Единствено пари за потрошен бензин може да добие доколку работодавецот му дал налог да заврши одредена задача“, вели Лазовски.
Тој додава дека во случајот со потрошените пари за трошоци треба да се вклучат и Упрвата за јавни приходи и Државниот завод за ревизија.
Лазовски додава и дека доколку пратениците примаат надомест за патни трошоци , не треба да бараат пари за одвоен живот, затоа што овие трошоци се исклучуваат едни со други.
Г.Д.М