Избор на уредникотСвет

Потресно писмо од Италија до остатокот од Европа: “Ќе сфатите колку е ова тешко, ние знаеме што ве чека”

Популарната италијанска писателка Франческа Меландри, која поради епидемијата на коронавирусот речиси три недели се наоѓа во карантин во Рим, напишала писмо “од иднината” до Европјаните, опишувајќи ги емоциите кои луѓето најверојатно ќе ги искусат во неделите кои доаѓаат, пренесува “The Guardian”.

“Ви пишувам од Италија, што значи од вашата иднина. Ние сме сега таму каде што вие ќе бидете за неколку дена. Графиконите кои ги следите за време на епидемијата покажуваат дека сите сме испреплетени во паралелен танц”, навела Меландри.

Таа укажува дека Италијанците се неколку чекори пред другите европски земји, токму како што беше Вухан неколку недели пред Италија.

“Ве гледаме како се однесувате, токму како што ние се однесувавме. Се расправате за истите работи за кои до неодамна и ние се расправавме и додека едни зборуваат дека тоа е ‘само грип’ и се прашуваат зошто се крева толкава паника, другите сфаќаат за што се работи. Додека ве гледаме оттука, од вашата иднина, знаеме дека многумина од вас, како што ви е кажано, сте заклучени во своите домови, го цитирате Орвел, а некои дури и Хобс”, констатира Меландри.

Италијанската писателка, меѓутоа, предупредува дека наскоро ќе станеме презафатени за такво нешто.

“Пред се, ќе јадете. Не само затоа што тоа ќе ви биде една од последните работи кои сè уште ќе можете да ги правите. Ќе најдете десетина групи на социјалните мрежи кои нудат совети како на најдобар начин да го поминете слободното време. Ќе се приклучите на сите тие групи и по неколку дена комплетно ќе ги игнорирате”, наведува Меландри.

Потоа, како што додала таа, следуваат книгите со апокалиптични содржини кои нѝ стојат на полиците, од кои многу брзо ќе се откажеме бидејќи ќе сфатиме дека такво нешто воопшто не нѝ се чита.

“Пак ќе јадете. Нема добро да спиете. Ќе се запрашате што се случува со демократијата. Ќе имате многу бурен живот на социјалните мрежи. Месинџер, Ватсап, Скајп…Вашите постари деца ќе ви недостигаат како никогаш претходно. Свесноста дека не знаете кога повторно ќе ги видите ќе ве боли како некој да ве удрил во гради”, навела во писмото италијанската писателка.

Истакнува дека старите огорчености и несогласности ќе станат неважни и ќе им се јавите и на оние луѓе за кои сте се заколнале дека никогаш во животот нема да ги слушнете и ќе ги прашате “Како си?”.

“Многу жени ќе бидат претепани во своите домови. Ќе се прашувате што се случува со оние кои не можат да бидат дома бидејќи немаат дом. Ќе се чувствувате ранливо кога на патот до продавница ќе поминете низ пустите улици, посебно ако сте жена. Ќе се запрашате дали е ова начинот на кој пропаѓаат општества. Дали тоа навистина се случува така брзо? Кога ќе се вратите дома, повторно ќе јадете”, пишува Меландри.

Како последица на тоа, ќе се здебелите, а потоа ќе тргнете во потрага по онлајн фитнес програми, вели писателката, истакнувајќи дека сето тоа е проследено со многу смеа и уживање во црниот хумор како никогаш претходно.

Дури и оние кои претходно сѐ сфаќале пресериозно, ќе започнат да размислуваат за апсурдноста на животот, вслената и сè друго.

“Ќе се договарате со пријателите и љубовниците да се најдете во супермаркет за барем накратко да се видите во живо, но за цело тоа време ќе се придржувате до мерките за задолжителното физичко растојание”.

“Ќе ги наброите сите работи кои мора да ги направите, а ќе ги откриете и вистинските карактери на луѓето од околината. Некои сомнежи ќе ви се потврдат, а некои ќе ве изненадат.

Интелектуалци, кои претходно биле сеприсутни на медиумите, сега ќе исчезнат. Некои ќе најдат засолниште во рационализацијата која ќе биде потполно лишена од сочувство, па луѓето ќе престанат да ги слушаат. Но, луѓето на кои претходно не сте обрнувале внимание ќе се покажат како великодушни, лојални, прагматични и проникливи”, констатира Меландри.

Оние кои вас ќе ве повикуваат на целиот овој хаос да гледате како на прилика за планeтарна обнова, ќе ви помогнат да ја согледате широката слика, наведува таа, но и напоменува дека исто така овие луѓе многу ќе ве нервираат.

“Убаво, планетата повторно дише бидејќи емитуваме помалку јаглен диоксид, но како ќе ги платиме сметките следниот месец? Нема да сфатите дали сведочењето за раѓањето на новиот свет е грандиозна или очајна ситуација”, стои во писмото на италијанската писателка.

Таа наведува дека и дека ќе пуштаме музика од прозорците или од дворовите.

“Кога нè видовте како пееме арии од оперите од нашите балкони, помисливте: “Ах, тие Италијанци”. Но ние знаеме дека и вие така ќе пеете за меѓусебно да се охрабрите. Кога “до даска” ќе ја пуштите “I Will Survive” од прозорец, ние вас ќе ве гледаме и потврдно ќе климаме со главата исто како што тоа го правеа граѓаните на Вухан кога нè гледаа нас и кои исто така пееја од своите прозорци во февруари”.

Во писмото на Франческа пишува и дека многумина ќе заспиваат со мислата дека ќе се разведат веднаш по укинувањето на карантинот, но додава и дека многу деца ќе бидат зачнати во овој период.

“Вашите деца ќе следат онлајн настава. Ќе биде ужасно напорна, но вас ќе ви претставува големо задоволство. Постарите ќе бидат непослушни како безобразни тинејџери: ќе мора да се карате со нив и да им забранувате да излегуваат за да не се заразат и починат”, напишала Меландри.

Ќе се обидете, продолжува таа, да не размислувате за луѓето кои осамени починале на одделенијата за интензивна нега, ќе посаката со латици од ружи да го прекриете патот по кој чекорат здравствените работници.

“Ќе ви кажат дека општеството се обединило во заедничка борба, дека сите сте во ист чамец. И тоа ќе биде вистина. Ова искуство засекогаш ќе го промени начинот на кој се гледате себеси како индивидуа која е дел од една поголема целина”, се вели во писмото.

Италијанската писателка укажува на тоа дека ќе биде важно на која класа припаѓаме и прецизира дека не е исто ако сме затворени во куќа со прекрасен двор или во преполна станбена зграда.

Не е исто, како што укажува, да се биде во можност да се работи од дома или да се гледа како вашата работа исчезнува.

“Тој чамец во кој сите заедно ќе пловите за да ја победите епидемијата, нема на сите да им изгледа исто, ниту е ист за секого. Никогаш не ни бил. Во некој момент ќе сфатите колку e тешко сето ова”.

Писателката предупредува дека потоа следи и страв кој ќе го поделите со своите најмили или ќе го задржите за себе за да не ги оптоварувате другите.

“Ние сме во Италија и ова е тоа што го знаеме за вашата иднина. Ова е само мало претскажување на иднината. Ние сме пророци на ниско ниво. Ако погледнеме во подалечната индина, онаа која е непозната и за вас и за нас, можеме само да ви го кажеме ова: кога сѐ ќе заврши, светот веќе нема да биде ист”, заклучува Меландри.

Поврзани вести

Back to top button