Поскапуваат горивата
Бензините и дизел горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат за два денара по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со одлуката се врши зголемување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 7,01, односно за 4,46 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 66,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 68,5, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 53,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 42 денара за литар.
Со одлуката на РКЕ за 2,076 денари по килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и сега ќе чини 28,109 денари за килограм.
Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 5,83 отсто повисоката просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 2,1 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.