Полицајци со кучиња влегоа во „Идризово“, пронајдена дрога, ножеви и телефони (ВИДЕО)
Пари, 11 мобилни телефони, ножеви и прашкаста материја беа пронајдени по извршениот претрес во 14 ќелии и во две соби во Казнено-поправната установа „Идризово“ во Скопје.
– Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и Одделот за специјални полициски операции – ЕБР, под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, денеска спроведе координирана полициска акција во Казнено-поправната установа „Идризово“ во Скопје. Во насока на превентивно дејствување, како и спречување вршење кривични дела во казнено-поправните установи, а како резултат на продлабочената меѓуинституционална соработка, извршени се претреси во КПУ „Идризово“ сè со цел пронаоѓање недозволиви или забранети предмети кај лица осуденици што се на издржување казна затвор, истакнуваат од МВР.
При претресот биле пронајдени мобилни телефони, остри предмети и дрога.
– Постапувајќи по наредби за претрес, издадени од судија за претходна постапка, како што истакнуваат надлежните, извршени се претреси во вкупно 14 ќелии и две соби во казнено-поправната установа, при што биле пронајдени: поголема сума парични средства од законски дозволените што осудените лица може да ги поседуваат во разни апоени и валути, таблет, 11 мобилни телефони, повеќе парчиња галантерија за мобилни телефони, неколку остри предмети, прашеста материја, која била одземена, се вели во полициското соопштение.