Почна судењето на обвинетите за настаните во кумановска Дива населба

Објавено: вторник, 9 февруари 2016 во 13:36
Spread the love

Под силно полициско обезбедување денеска почна судскиот процес против 29 лица обвинети за настаните во кумановската Дива населба во мај минатата година.

При влезот во Врховниот суд каде што се одржува судењето, беше извршена темелна проверка на сите кои треба да присуствуваат на судењето.

Засилени безбедносни мерки беа преземени и околу судот и локалните сообраќајници, а за време на доведувањето на обвинетите местото го надлетуваа полициски хеликоптери.

Обвинетите се товарат за сторени кривични дела „терористичка организација” од чл. 394-а и „тероризам” од чл. 394-б од Кривичниот законик.

Во декември минатата година сите 29 обвинети лица за тероризам пред Советот од судии од Основниот суд Скопје 1 се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делото „тероризам“.

На 9 и на 10 мај минатата година во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени.  Убиени беа и десет лица од вооружената група.