Пет нови случаи на коронавирус (ВИДЕО)
Пет нови случаи и двајца дијагностицирани во друга лабораторија што треба да се потврдат во нашата лабораторија, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на вечерната прес-конференција.
– Позитивни се четири лица од Дебар и една 54-годишна пациентка од Скопје која беше прегледана на Инфективната клиника која се вратила од Холандија ноќта меѓу 12 и 13 март. Развила симптоми еден ден претходно и денеска се јавила на преглед на Клиниката. Најдени се сите контакти од семејството, таа била во домашна самоизолација, контактирани се членовите на фамилијата, возачот на таксито кој ја возел од аеродром до дома, а во овој момент се контактираат 31 лице кои се вратиле со авионот кој пристигнал од Виена. Таа е со лесна клиничка слика и веќе се хоспитализирана. Со ова бројката на хоспитализирани на Клиниката е 14, рече Филипче.
Посочи дека изутрината биле тестирани седум лица, негативни се резултатите на три лица од Дебар кои биле контакт на заболените, на двете лица чии брисеви стигнаа од Центарот за јавно здравје во Штип и едното лице на Инфективната клиника во Скопје.
– Попладнето се тестирани уште десет други лица, седум од Дебар, од кои четири со симптоми кои биле во контакт со заболените, тројца кои беа избрани по малку поширока индикација се негативни и тројца други од Центарот за јавно здравје од Прилеп, еден од Инфективната клиника и еден од Инфективното одделение во Градската општа болница „8 Септември”, додаде Филипче.
Вкупниот број на потврдени случаи сега е 23.
На Инфективната клиника во Скопје хоспитализирани се 14 луѓе.
На новинарско прашање за состојбата на лицата што биле во контакт со директорка на кожната клиника, лекарката Нина Цаца Биљановска, Филипче рече дека околу 200 лица биле во контакт со неа и дека немаат никакви симптоми.
„Сите лица кај кои е дијагностициран вирусот се со лесна и средна клиничка слика, а само една пациентка е на респираторна машина. Сите лица во Дебар на домашно лекување се со лесна клиничка слика и во континуирана комуникација со лекарите“, рече Филипче.