ЖивотТоп

Пентагон службено објави три видеа од НЛО (ВИДЕО)

Американскиот Пентагон официјално објави три видеа на кои се прикажани „неидентификувани летачки објекти“, претходно објавени од приватна фирма, пренесе Си-Ен-Ен.

На видеата може да се видат три НЛО што се движат, снимани од инфрацрвени камери.

Во двете од трите видеа се снимени и реакциите од американските војници кои се чудат од брзината на движење на објектите.

Еден од нив вели дека можеби се работи за дронови.

Минатиот септември, американската морнарица ја потврдила автентичноста на овие видеа.

„Ги објавуваме сега за да се расчистат сите сомневања дека снимките се автентични“, изјави портпаролката на Пентагон, Сју Гог.

-По темелната ревизија, Министерството за одбрана донесе одлука дека официјалното објавување на овие видеа не откриваат службени тајни и не влијаат на понатамошни истраги за влез на НЛО во воениот воздушен простор -објави Пентагон.

Морнарицата сега има формални упатства за известување за сите НЛО.

Претходно Пентагон проучувал „средби“ со НЛО како дел од згаснатата програма иницирана од сенаторот Хари Рајд од државата Невада. Програмата била лансирана во 2007 година и завршила во 2012 година, бидејќи Пентагон проценил дека парите може да се потрошат за поприоритетни работи.

Поранешниот менаџер на програмата, Луис Елизандо за Си-Ен-Ен во 2017 година изјави дека верува оти има „силни докази дека не сме сами“.

Вчера на Твитер Рајд објави дека е задоволен што Пентагон официјално ги објави видеата, но дека тоа само ја „гребнало површината“ на достапните материјали и истражувачки трудови.

„САД мора сериозно да ги испитаат потенцијалните импликации што ова може да ги има за националната безбедност“, додаде тој.

Некои пратеници во Конгресот сè уште се заинтересирани за ова прашање. Морнарицата уште минатото лето информирала за најновите сознанија за неидентификуваните летала.

Поврзани вести

Back to top button