Партиите ги избркаа најдобрите, Љупка Вртева од Струмица e прогласена за инженерка на годината во Словенија (ВИДЕО)
Љупка Вртева од Струмица e прогласена за инженерка на годината во Словенија, титула која има цел да ги инспирира младите жени да студираат во области како наука, технологија, инженерство и математика, пренесе „Словенија тајмс“.
Вртева е раководител на проект за развој на соларна централа во енергетската компанија „Петрол“. Таа е магистер по машинско инженерство и е развоен инженер од областа на греење, вентилација и ладење на згради.
Додипломските и магистерските студии ги завршила на Машинскиот факултет во Љубљана и во 2019 година ја завршила меѓународната едукативна програма „EUREM Energy Manager“ на Институтот „Јожеф Стефан“.
Вртева најпрвин развила компјутерска програма за механичка вентилација на згради, а сега дизајнира нови ефикасни енергетски системи.
Жирито што ја додели наградата посочи дека и покрај многуте пречки, вклучувајќи ја и јазичната бариера, нејзината одлука да стане инженер била вистинската, а таа има енергија и желба да ги охрабри младите жени кога донесуваат одлуки за нивниот пат во кариерата.
За титулата одлучувала жири-комисија од 92 члена – претходно номинирани, претставници од медиумите, професори и студенти вклучени во проектот „Ќе бидеме жени и мажи инженери“, како и организаторите.
Извор: sloveniatimes