Oткриeна скриена шема на мистериозни сигнали од вселената
Нешто во некоја галаксија оддалечена милијарди светлосни години пушта светлински импулси во бизарен периодичен распоред што трае 157 дена, вели нова студија. Откритието може да помогне во решавањето на мистеријата на брзите радиоимпулси (ФРБ), кои се ненадејни и силни импулси на светлина што траат само неколку милисекунди. Иако постојат многу теории за нивното потекло и причини, ФРБ сè уште се необјаснети.
Вторпат во историјата астрономите открија шема во мистериозно брз радиоимпулс што доаѓа од вселената.
Кога беше откриен првиот ФРБ во 2007 година, научниците мислеа дека може да е катаклизмичен настан, како што е експлозија на огромна ѕвезда. Во текот на следната деценија, стана јасно дека некои од овие импулси се „повторувачки“, што значи дека испуштаат повеќе светлосни импулси што не може да се објаснат со еднократна вселенска катаклизма како што е суперновата. Првиот познат повторувачки сигнал беше наречен ФРБ 121102, и шемата во неговите сигнали со години ги збунуваше научниците, сè до сега.
Брзите радиоимпулси или ФРБ се импулси на радиобранови долги милисекунда во вселената, а астрономите успеаја да следат некои од радиоимпулсите сè до нивните сопствени галаксии.
Тие допрва треба да ја утврдат вистинската причина за импулсите.
Индивидуалните радиоимпулси се емитуваат еднаш и не се повторуваат. Но за повторувачките брзи радиоимпулси е познато дека повеќе пати испраќаат кратки, енергични радиобранови.
Претходните набљудувања покажаа дека обично кога се повторуваат, тоа е повремено или во кластер.
Сето тоа се смени претходно годинава, кога астрономите открија дека ФРБ 180916.J0158 + 65 има шема во импулсите што се случува на секои 16,35 дена. За време на четири дена, сигналот ќе пуштеше еден-два импулси на секој час. Потоа ќе замолчеше цели 12 дена.
Сега, тие откриле шема во втор повторувачки брз радиоимпулс, познат како ФРБ 121102. За време на оваа циклична шема, радиоимпулсите се емитуваат во текот на 90 дена, а потоа следува молк од 67 дена. Оваа шема се повторува на секои 157 дена.
ФРБ 121102 е познат како повторувачки брз радиоимпулс уште од 2016 година. Сега, научниците открија дека има шема.
„Сè досега, се знаеше дека само еден друг повторувачки ФРБ покажува дека има ваква шема во својата импулсна активност“, рече Каустуб Раџваде, главен автор на студијата и постдокторски истражувач по астрономија на Универзитетот во Манчестер. „Наоѓањето таков модел открива важни знаци за тоа кое би можело да биде потеклото на ФРБ. Повременоста ни кажува дека предметот што произведува ФРБ веројатно е во орбита со друго астрофизичко тело“.
Студијата е објавена во неделата во списанието Месечни белешки на Кралското астрономско друштво.