Избор на уредникотМакедонија

Осомничениот за бруталното убиство со врски едвај станал полицаец, па дури добил и решение за инспектор

Енвер Тоска, осомничениот за свирепото убиство во Прилепско имал завршено образование за физиотерапевт, а бил запишан и на курсот во Полициската академија, пишува порталот Сведок.

„Но, таму покажал слаби резултати и првично не бил викнат на работа. по интервенција на високи структури од ДУИ, како што тврдел самиот лично од Али Ахмети, со кого наводно бил роднина, бил примен на работа во полицијата, па дури добил и решение за инспектор. Тоа решение, по реакциите, подоцна било повлечено и останал само обичен полицаец“, пишува Сведок.

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваа кој го вработил Енвер Тоска во битолската полиција, 24 годишниот полицаец од СВР Битола, кој пред два дена уби човек и го запали во близина на прилепското село Беловодица.

-Полициските службеници наместо да ги штитат од криминал и од закани, сведоци сме дека некои од нив вршат најбрутални убиства какви што не се паметат во македонската криминологија. За жал, раководството на МВР спие и нема оперативни информации и не може да го превенира дури ни криминалот на кој што се оддале одредени поединци. Дали е тоа заради фотографиите кои што ги имаат со актуелниот врв на министерството или политичките врски, треба да одговори најодговорниот, министерот Оливер Спасовски. Наместо одговор тој одлучува да го набедува ВМРО-ДПМНЕ и не зборува за поврзаноста на неговиот заменик со убиецот. Замижувањето пред фактите нема да ја врати безбедноста на граѓаните. Напротив испраќа порака дека со фотографијата со функционери од СДСМ или ДУИ има дозвола за убиство“, – обвини Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

На ова, министерот за внатрешни Оливер Спасовски рече дека жали за настанот што се случи, го осудува, и рече дека македонската полиција реагирала веднаш и за неколку часа е утврден сторителот и изведен пред лицето на правдата.

-Тоа треба да биде поука бидејќи потпишување договор за работа на такви лица, кои не се достојни за полиција, беше одлика на некое друго време, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за убиството што го изврши 24-годишен припадник на полицијата.

По барањето да понесе одговорност, Спасовски рече побарал информации кога полицаецот Енвер Тоска бил примен на работа.

– Сакам да ги информирам дека Митко Чавков е вистинската адреса каде треба да се обратат. ВМРО-ДПМНЕ го примила тој полициски службеник на работа во македонската полиција. И наместо да повикуваат на одговорност кон некој друг, нека се завртат кон себе и нека седнат во онаа бела зграда направена од маката на граѓаните на Македонија и нека одговорат кои се тие луѓе што придонесоа да се срами – не само македонската полиција, туку и македонската држава, рече Спасовски.

Поврзани вести

Back to top button