Околу 300 илјади евра потрошени за живеалишта на пингвини, а 100 илјади деца живеаат во сиромаштија
Набавки во вредност од неколку стотици илјади евра биле направени од страна на ЈУ Зоолошка градина на Град Скопје во 2019, институција со која раководи директор поставен од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Најголемата ставка се однесува на 287,517 евра за “Изведба на живеалиште за пингвини и фламинга”, пишува antropol.mk.
Во 2019 година Град Скопје склучил јавни набавки во вредност од 21 милиони евра. Ова е за 7 милиони евра повисока сума од 2018 година, што е пораст од 47%. (Податоците штотуку беа објавени во Базата на податоци за општинските тендери (достапна тука) изработена од страна на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Тимот на Антропол прегледа дел од јавните набавки на Град Скопје за 2019 година и забележа ставки кои во најмала рака се пример за неодговорно трошење на народни пари, а отвораат и сомнежи за злоупотреба на јавни фондови и функции. Ги повикуваме соодветните и надлежни институции да го истражат случајот!
Станува збор за набавки направени од страна на ЈУ Зоолошка градина на Град Скопје-Скопје РМ во 2019, кои се јавно достапни и ги вклучуваат и следните ставки:
- 287,517 евра за “Изведба на живеалиште за пингвини и фламинга”
- 187,479 евра за “Набавка на реквизити за Дино Јура Парк“
- 138,816 евра за “Изградба на Дино Јура парк“
- 57,561 евра за “Поставување на разни огради“
Фрапантно и недозволиво е трошењето на стотици илјади евра за “живеалишта на пингвини” во услови кога 100.000 деца во земјава (според Уницеф) живеат во сиромаштија или лишување. Притоа, целосно неоправдани се ваквите трошоци за опремување на Зоолошка во ситуација кога повеќето семејства немаат основни услови за преживување, а камоли пари за влезница во Зоолошка или за транспорт до Скопје за тие кои живеат надвор од главниот град.
Потсетуваме дека Директорот на “Зоолошка Градина Скопје”, Ѓорѓи Галетановски – Чомбе, беше назначен од страна на Петре Шилегов. Галетановски со години работел како менаџер на скопски кафулиња и дискотеки, а Директор на Зоолошката станал по само 2 месеци работа таму. Галетановски предизвика скандал минатата година кога ја навредуваше македонската дијаспора околу Евровизија со следните фејсбук постови:
“Што да очекуваш од луѓе што продале се и избегале од родна земја? Каква срамота…ццц. ФИРОМ не им сметало ,за северна не гласале за Тамара. А бе одземи им и пасоши и право на глас. Гнаси. Рмбаjте под туѓо сонце и плукајте по се што вреди. Никад да не се вратите“
Претходно, Галетановски ја навреди и професорката Силјановска Давкова велејќи дека „Треба да оди во Бардовци“. Бранко Героски упати жестоки критики до Галетановски тврдејќи дека тој имал долга историја на неконтролирани испади и упати критику кон функционерите на СДСМ:
“Вакви ли “фраери” ставате за директори? Не ви е ли срам? Утре ќе сакате за вас да се гласа заради вакви кадри?”
За крај, изразуваме жалење доколку текстот предизвика навреда на чувствата кај пингвините и фламингата. Имаме целосна почит кон сите фламинга и пингвини, без разлика на нивното потекло, вид, способност за летање или гастрономски преференци. Воедно, се залагаме за нивно ослободување од занданите по зоолошките ширум светот и нивно враќање во природните хабитати.
извор: antropol.mk