„Нивните“ од ДУИ мора да поминат: Контролори на летање кои биле надзор на тестирањето поднеле оставки поради притисоци
Контролорите на летање кои се вклучени во процесот на тестирање на кандидатите за школување за идни контролори, вчера попладне во канцеларијата на директорот на МНАВ Фахрудин Хамиди оставиле протестна нота и барање за прераспределување, објави СДК.МК.
Всушност тие поднеле оставки на местата за надзор на процесот, бидејќи не сакаат да учествуваат во уривање на успешниот оглас, на кој биле избрани најдобрите 8 кандидати за обука во Данска. Станува збор за 12 искусни контролори на летање од повисок ранг во професијата – инструктори, раководители и експерти.
Како што објави вчера САКАМДАКАЖАМ.МК, тројцата членови на управниот одбор на МНАВ, на чело со претседателот Хамиди, сакаат да го пропаднат огласот на кој реномираниот тренинг-центар од Данска „Гејт авиејшн тренинг“, по добиен тендер од МНАВ и согласно препораките од Еуроконтрол, избра 8 најдобри, од вкупно 270 пријавени кандидати за школување за контролори на летање.
Според Синдикатот и според Здружението на контролори на летање, директорите Фахрудин Хамиди, Миѓен Селмани и Влатко Крстевски намерно не ги праќаат осумтемина на школувањето за кое течат роковите. Чекаат, кај и да е, да поминат 90-те дена од објавување на огласот и тој да пропадне. Откако ќе го пропаднат, тројцата директори сакаат да распишат нов, и по свои, а не по правилата на Еуроконтрол, да извршат избор на кандидати за почетно школување, првенствено, нивни деца и деца на функционери на ДУИ.
Целиот случај прераснува во безбедносното прашање не затоа што во моментов нема квалификувани контролори, туку затоа што раководството на МНАВ ја одложува обновата со нов кадар. Станува збор за професија каде што за да „порасне“ нов контролор треба да поминат најмалку уште две години обука и тренинг, а сообраќајот на македонското небо поради пренасочување на летовите предизвикано од затворениот украински воздушен простор веќе е многупоинтензивен отколку пред ковид кризата.