Никола Ѓорѓиев кој боледува од рак од денес започна да работи во Општина Гази Баба
19 годишниот Никола Ѓорѓиев кој боледува од рак на коски од денес започна да работи во Општина Гази Баба. Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски го информираше младиот Никола дека донел одлука да го вработи во општинската администрација и истиот да биде дел од неговиот тим.
За средбата градоначалникот Стефковски информираше на својата официјална страна на фејсбук на која напиша:
МЛАДИОТ НИКОЛА ЃОРЃИЕВ ОД ДЕНЕС ЌЕ РАБОТИ ВО ОПШТИНА ГАЗИ БАБА!
19 годишниот Никола Ѓорѓиев од Црешево за кого во хуманоста се обедини цела Македонија од денес ќе биде мој соработник во општинската администрација на општина Гази Баба.
Кога прв пат го сретнав Никола, запознав еден млад човек, полн со живот, кој ми кажа дека по сите предизвици со кои се соочил во животот, сака да се вработи и да биде самостоен човек.
Таа желба на Никола од денес станува реалност. Никола ќе биде дел од мојот тим и ќе има можност да даде свој придонес во напредокот на општина Гази Баба.
Што се однесува до лекувањето на Никола, тоа се одвива согласно утврдениот протокол и тој на 17ти Јули, треба да замине за Турција со цел примање на четвртиот дел од терапијата.
Никола, кога те запознав ти кажав дека во мене низ целиот твој живот ќе имаш пријател и сојузник. И тоа ќе остане така!
За мене нема ништо повредно од тоа кога знам дека со одредена моја постапка, сум причината за нечија среќа.