НЕВЕРОЈАТНО: Синоќешната богослужба во Бигорски ја следеле над 250.000 луѓе во светот
Братството на Бигорскиот манастир и сестринството од манастирот во Рајчица, без присутво на верници, освен затекнатите по прогласувањето на мерките за изолација, отслужија богослужби за Велики петок и Велика сабота.
Вечерната богослужба со симнувањето на Христа од крстот, полагањето на светата Плаштаница, погребението Христово и полагање на светата Плаштаница во Кувуклијата и оплакувањето на Христа преку директниот пренос на Јутјуб каналот на манастирот и преку профилот Фејсбук ја следеле над 250.000 луѓе од целиот свет.
-2S продукција беше задолжена за преносот во живо, за што многу сме им благодарни, оти прават големо дело за народот кој е во своите домови пред малите екрани. Синоќешниот директен пренос на богослужбата го следеа над 250.000 гледачи од нашата земја, но и од целиот свет. Според коментарите оставени на нашиот официјален Јутјуб канал, како и на Фејсбук профилот, ова за нив е голема утеха и поткрепа во актуелната ситуација со коринавирусот и мерките за превенција и заштита, вели сестра Ефимија од манастирот во Рајчица.
Додава дека раскошниот цветен епитаф, како гроб во кој лежи Христовото тело, и каде низ стихови се излеваат болката на Богомајката за Своето измачено и умртвено Чедо, не буди тага туку веќе шепоти за воскресната радост.
– И Плаштаницата наеднаш ја губи својата траурна смисла и станува знамение на Воскресението и победата над смртта, знаме на слободата и единството со Бога. Пред блескавиот сјај на таа победа, пред триумфот над злото, бледнеат и губат важност сите болки и испитанија што човекољубивиот Господ ги допушта за наше поправање и спасение и што денес вселуваат толку многу страв и очај во човечките срца. Зашто оној кој нераскинливо го врзал својот живот за Распетието и Воскресението Христово, укрепен од силата што извира од нив, никогаш нема да биде поразен, па што и да се случува во светот, посочува сестра Ефимија.
Нагласува дека Воскресението Христово не е некоја прекрасна легенда, апстрактна теологија или некој празник востановен во далечното минато, туку „тоа е самата суштина на христијанството, тоа е победа, подарена од Бога“.
Во измнатите години по повод Велигден во манастирот присуствуваа над 2.500 верници од сите делови на државава и пошироко.Таа масовност годинава ќе ја нема поради состојбата со коронаврусот.
Сепак, внезгден во пазувите на Бистра, со екот на камбаните, испреплетен со жуборот на Радика, на полноќ, вечерва, ќе биде соопштена радосната вест за ХристовоВоскресение-Велигден, Празникот над празниците, како што тоа било со столетија.