Брзината со која одите е исто толку важна како и бројот на чекори што ги правите во еден ден, покажува новото истражување кое потсетува дека одењето 10.000 чекори дневно долго време се поврзува со намален ризик од развој на деменција, срцеви заболувања, рак и прерана смрт.
Но, експертите неодамна откриле дека побрзото темпо има уште поголеми придобивки за здравјето во споредба со бројот на поминати чекори.
„Нашата порака е – одете побрзо“, вели коавторот на истражувањето, д-р Метју Ахмади.
Експертите утврдиле поврзаност помеѓу изминати 9800 чекори и 50 отсто понизок ризик од развој на деменција. Истражувањето покажало дека секои 2000 изминати чекори постепено го намалуваат ризикот од прерана смрт за 8 до 11 отсто. Слична врска била воочена и во случаите на кардиоваскуларни болести и развој на рак.
„Луѓето почесто се фокусираат на своите фитнес нараквици и апликации на телефонот кои им мерат број на чекори, отчукувања на срцето… Но, притоа ретко размислуваат за темпото со кое одат“, вели еден од авторите на истражувањето, Емануел Стаматакис.
Резултатите од студијата се објавени во списанијата („Jama Internal Medicine“) и („Jama Neurology“).
Заклучокот бил донесен врз основа на податоци добиени од 78.500 возрасни лица во доба од 40 до 79 години, чии здравствени навики биле следени 7 години.
„Досегашните цврсти докази упатуваат на тоа дека 10.000 чекори дневно се одличен начин за одржување на доброто здравје, а брзото темпо на одење е поврзано со дополнителни здравствени придобивки“, заклучува д-р Ахмади.