НАТО балансира на работ на конфликт со Русија поради Турција
Турција под раководство на претседателот Реџеп Таип Ердоган во 2016 година останува еден од главните проблеми за Европа која се бори со мигрантската криза, и за сите фактори на Блискиот Исток кои се борат против „Исламската држава“, смета аналитичарот на „Политико“ Мајкл Голдфарб.
Новинарот истакнува дека во 2015 година околу 800 илјади луѓе пристигнале во ЕУ преку Турција. Ердоган истовремено продолжува со воената кампања против турските Курди.
„Ако борбата против ИД е „борба на нашата генерација“ (како што изјави британскиот премиер Дејвид Камерон), зошто тогаш нашите лидери ја трпат турската влада која води војна против луѓето кои успешно се борат против терористите на ИД на копно?“, се прашува Голдфарб, а пренесува РИА „Новости“.
Освен тоа, Ердоган неодамна им наложи на своите трупи да навлезат во Ирак без покана од ирачките власти, поради што американскиот лидер Барак Обама ја повика Анкара да ги „намали тензиите“, но турското раководство не реагираше на неговите зборови, додава аналитичарот.
Меѓутоа, сето наведено не може да се спореди со одлуката на Анкара да го сруши рускиот бомбардер Су-24, истакнува колумнистот.
„Ако се случи нов инцидент, а имајќи предвид дека воздушниот простор на границата меѓу Сирија и Турција е преполн, таквата можност не може да се занемари, и ако Русија одлучи да одговори на потезите на Анкара и да собори авион, што ќе се случи тогаш? Турција е членка на НАТО и како одговор на потезите на Москва Алијансата би можела да го примени Членот 5 од договорот за колективна одбрана. Ќе сака ли во тој случај НАТО да војува со Русија?“, пишува Голдфарб, истакнувајќи дека за мнозинството лидери на западната Алијанса ова прашање останува без одговор.
Извор: Руска реч