Палестинското исламистичко движење Хамас денес го изведе најголемиот напад врз Израел во последните години во кој вооружени лица ја преминаа границата со голем налет на ракети истрелани од Појасот Газа пишува „Ројтерс“. Се огласија предупредувачки сирени низ јужен и централен Израел, вклучително и во Ерусалим. Израелската војска соопшти дека е во војна додека премиерот Бенјамин Нетанјаху свика итен состанок на безбедносните сили.
Инцидентот утрово означи невидена инфилтрација на вооружени лица на Хамас во Израел од Газа и беше најсериозната ескалација откако Израел и Хамас водеа 10-дневна војна во 2021 година.
Израелските медиуми објавија дека има престрелки меѓу палестински борци и безбедносни сили во градовите во јужен Израел. Во Газа, луѓето побрзаа да купат залихи во очекување на деновите кои претстојат.
Лидерот на военото крило на Хамас на Хамас, Мухамед Диеф го најави почетокот на „Операцијата Бура Ал Акса“.
„Ако имате оружје, излезете. Ова е време да го користите. Излезете со камиони, автомобили, секири. Денес започнува најдобрата и најчесната историја“, вели Ал-Деиф во пораката, пренесе „Си-ен-ен“.
Тој додаде дека нападот врз Израел е реакција на нападите врз жените, сквернавењето на џамијата Ал Акса и опсадата на Газа.
„Ова е денот на најголемата битка за ставање крај на последната окупација на земјата“, рече тој, додавајќи дека биле лансирани 5.000 ракети.
Според службите за итни случаи, една Израелка загинала додека екипи на брза помош биле распоредени во областите околу Појасот Газа.
Израелската војска соопшти дека нејзините сили дејствуваат во Газа, но не даде детали.
„Голем број терористи се инфилтрираа на израелска територија од Појасот Газа“, се вели во соопштението на војската, додавајќи дека на жителите во областа околу Појасот Газа им било кажано да останат во своите домови.