Нагло се намалува населението на Балканот, во Бугарија се намалил за 844.781 луѓе
Бројот на жители во Бугарија на 7-ми септември 2021-ва година изнесувал 6.519.789 луѓе, и од последниот попис во 2011-та година се намалил за 844.781 луѓе, односно за 11,5 проценти, покажуваат денеска објавените конечни податоци од 18-тиот попис на населението кој го спровел Националниот институт за статистика (НСИ).
Од вкупната популација, 3.383.527 се жени, а 3.136.262 се мажи, па односот е 1.000 жени на 927 мажи. Во градовите живее 73,3 проценти од населението, а во руралните средини 26,7 проценти, пренесува бугарската агенција „BTA“.
Според бројот на жители најголема област е главниот град Софија со 1.240.290 луѓе, а следат Пловдив со 634.497, Варна со 432.198 и Бургас со 380.286 жители.
Во тие четири градови живее 41,7 проценти од вкупното население на Бугарија, покажуваат резултатите од пописот.
Најмала област во земјата е Видин, со 75.408 жители, односно 1,2 проценти од вкупната популација.
Според наводите на НСИ, главни фактори кои влијаеле на сериозното намалување на бројот на жители се негативниот природен раст и емиграцијата.
Дополнително се влошиле и негативните движења во старосната структура на граѓаните, кои резултирале со апсолутен пораст на бројот на лица постари од 65 години, и зголемување на нивниот удел во општата популација, наведува „BTA“.
Пописот покажал дека просечната годишна стапка на намалување на бројот на жители на Бугарија пораснала за 0,7 проценти во периодот од 2001-ва до 2011-та година, на 1,2 проценти во деценијата од 2011-та до 2021-та.