Над 1300 евра плата зема советник во АЕК, а не е 1 туку се 11, среднист зема плата од 47.000 денари
Вреди да се бориш за работа во државните агенции, велат граѓани откако Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави оглас за вработување на 11 лица кои ќе имаат плата од 47.000 за работна позиција со средно образование, до 80.000 денари за советник, објавува Плусинфо.
Експертите се на став дека не смее да се дозволи драстична разлика на платите за исти позиции во јавниот сектор, и дека се покажало дека со високи плати во регулаторните тела не се намалува корупцијата, а работните места се кројат според партиските потреби и наградување поединци.
Износите на плати од актуелниот оглас не е необичен за оваа Агенција која важи за една од побогатите во земјава, но за разлика од, на пример, Регулаторната комисија за енергетика, овој регулатор не ги објавува платите ниту на раководниот тим, ниту на советниците ни на членовите на комисијата, за кои троши огромна сума пари. Но според она што го покажа последниот оглас, советниците најверојатно немаат плата под 1.300 евра, а платата на раководниот тим е далеку повисока од тоа. Просекот на плата, ако се смета дека среднист има плата од 47.000 денари не е под 1.000 евра.
Во Агенцијата за електронски комуникации, според списокот објавен на интернет страницата, работат 129 лица од кои 11 се советници на директорот.
Агенцијата годинава располага со буџет од 941.070.259 денари (над 15,2 милиони евра). Од нив 556.150.000 денари се планирани приходи, 240.249.66 денари вишоци од минатите години и пари кои треба да се обезбедат од различни извори.
Годинава, според финансискиот план, само за плати и придонеси за редовно вработените АЕК планира да потроши 166.464.000 денари (2,7 милиони евра). Износот за нето плати е 111.853.214 денари. Дополнително се испланирани и пари за договори за дело, персонален данок за членови на комисијата во износ од 1.500.000 денари, за нивните службени патувања во земјата и во странство, но и за договори за дело и друго.
Повеќе на плусинфо