На прилепското семејство Алексоски итно му се потребни средства за пост-оперативна рехабилитација на нивниот 12-годишен син
12-годишниот Матеј Алексоски е дете со церебрална парализа. 12 болни и тешки години за неговите родители кои и без тоа, едвај вразуваат крај со крај во месецот, живеејќи како кираџии во стара и трошна куќа, бидејќи државата ги одбивала за социјален стан. Но, овие скромни луѓе, не се жалаат толку на лошите услови за живот, колку на маката што сега ја имаат со своето дете, откако врз него минатата недела билa извршена операција во соседна Србија. Заради беспарицата, тие не се во состојба да го однесат на задолжителната постоперативна рехабилитација во Негорски бањи, која опфаќа три третмани и чини по 1.000 евра од третман, а кои Фондот не ги одобрува, бидејќи детето било оперирано во друга земја. Очајните родители, немајќи друг излез, сега по втор пат бараат помош од хуманите луѓе, надевајќи се дека и овој пат ќе ги соберат потребните средства, исто како што се собрале и за операцијата во Србија, пренесува телевизија Алфа.
Мајката на Матеј, која е решена по секоја цена, колку-толку да му го олесни животот на своето дете, има многу забелешки околу грижата на државата за овие деца.
Во оваа лична животна драма на семејството Алексоски, најмногу помош им пружило Здружението „Надеж за сите“, преку кое за само две недели биле собрани и средствата за операцијата на Матеј. И тие имаат бројни забелешки на работата на надлежните институции.
Родителите на 12-годишниот Матеј, не’ испратија со силна надеж дека и овој пат хуманите луѓе несебично ќе помогнат за нивниот син да може да го продолжи лекувањето.
Каролина Дурло